Невладината организација „ЕКО АЛАРМ“ од Кавадарци објави уште едно видео на кое се гледаат последиците од прскањето вода на мерната станица, од страна на локалните власти во Кавадарци, со цел да се намали загадувањето на воздухот. На видеото се гледа дека мерната станица и просторот околу неа е воден, а тој ден во Кавадарци не капна ни капка дожд.
– Погледнете како изгледаше мерната станица за квалитет на воздухот во 00:40, час и половина по последното прскање во 23:15.
Целата е водена и може да се забележат вирови со вода, предизвикани од агресивното прскање со вода во нејзина близина и на неа, посебно и на нејзините мерни инструменти.
НАПОМЕНУВАМЕ ДЕКА ДОЖД НЕМАШЕ НИ КАПКА ЦЕЛ ДЕН, А МЕРНАТА СТАНИЦА ИЗГЛЕДА КАКО ДА ВРНЕЛ ДОЖД ВО НЕЈЗИНА ОКОЛИНА СО ДЕНОВИ!
Овакви манипулирања и лажење на народот не постојат ни во СЕВЕРНА КОРЕЈА!
#ЛудЈебеЗбуњеног – стои во описот на видеото.
„ЕКО АЛАРМ“ од Кавадарци, претходно, преку соопштение и видео открива како градоналачникот на Кавадарци, Митко Јанчев, преку новиот метод за аеросолизација “успеал“ да го прочисти воздухот во Кавадарци.
Според тврдењата на „ЕКО АЛАРМ“, Јанчев им наредил на вработените во општината со возилото да вртат кругови околу кружниот тек каде што се наоѓа мерната станица и истата да ја прскаат со вода. Додека траел процесот на лажно прочистување на воздухот, градоначалникот ги набљудувал вработените и им давал инструкции што да прават.
-Во периодот од 20:30 до 20:55, се вршеше агресивно прскање со вода околу мерната станица која се наоѓа кај новиот кружен тек, од страна на градинката. Само во овој период од 25 минути, противпожарното возило го сврте кружниот тек 4 пати, додека тракторот 3 пати.
На видеото јасно се гледаат две паркирани коли со вклучени светла за сигнализација, тоа се луѓето кои го водат градот и го следат процесот на прскање на оваа ЗА НИВ КРИТИЧНА И ВАЖНА ЛОКАЦИЈА, притоа давајќи инструкции за тоа како да се врши аеросолизација.
Со ова, вештачки се предизвика мерната станица да покаже дека загадувањето со ПМ честички од 297, според мерењето во 18 часот, паднало под 50 микрограми на метар кубен според мерењето во 21:00.
МОЖЕБИ ПОДОБРО Е ВООПШТО ДА ЈА НЕМА МЕРНАТА СТАНИЦА ЗА КВАЛИТЕТ НА ВОЗДУХОТ?
Овака не се лаже и манипулира народот ни во СЕВЕРНА КОРЕЈА!
ОД СТРАНА НА ОПШТИНАТА БАРАМЕ ВЕДНАШ ДА СЕ ПРЕКИНЕ ОВАА ГЛУПОСТ НАРЕЧЕНА АЕРОСОЛИЗАЦИЈА!
До кога ќе не лажете? – велат од еколошката невладина организација.
Активистите на „ЕКО АЛАРМ“ дури снимиле и видео од настанот, кое го прикачија на нивната фејсбук страница.
Градоначалникот на Кавадарци, во саботата тврдеше дека открил револуционерен метод со кој ПМ десет честичките паднале од 300 микрограми на ниво под 100 микрограми, за само еден час.
Методот кој го “откри“ Јанчев, функционира со создавање на вештачки дожд преку аеросолизација. Но, видеото кое го открија невладините од градот, покажува дека се работи за обично прскање на мерната станица со вода, за таа да покаже помало загадување.