Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција ја обвини власта дека подготвува да спроведе политичка операција за престојниот попис на пролет.
Попис како статистичка операција, се прави откако претходно ќе се постигне национален, општествен и политички консензус, што во овој случај, вели Мицкоски изостана бидејќи во рамките на комисиската расправа опозицијата предложила 40-тина амандмани и ниту еден од нив не бил прифатен од страна на владејачкото мнозинство.
Тој побара власта да одговори како може да се спроведе попис со диктирање матични броеви.
– Попишувањето е предвидено без покажување на било каков доказ и лична идентификација, да биде завршено со едноставно диктирање на матичниот број. Дали може да се случи едно лице да диктира повеќе матични броеви, без притоа да покаже соодветен доказ дека тие во моментов се резиденти односно се наоѓаат на територијата на Република Македонија?, прашува лидерот на опозицијата.
Мицкоски го напомена фактот дека се уште постои институтот, политички двоен потпис за кој вели дека во ниедна земја не се применува ваквата пракса. До овој момент, додава тој, ниту една база на податоци која ќе биде користена не и е позната на македонската јавност, ќе се спроведува според методологија која што се уште официјално не е излезена во Службен весник.
-Има уште многу аргументи, кој што во следните три дена, пратениците од опозицијата, во рамките на парламентарната дебата ќе ги рефлектираат на собраниската говорница. А, зошто велиме три дена? Бидејќи, повторно, на сцената стапува дивеењето на владејачкото мнозинство и се злоупотребува европското знаменце, а се злоупотребува затоа што јасно е дека не е статистичка операција. Кријат, се плашат од јавна дебата, туку и истата ја претворија во политичка операција, потенцира Мицкоски.
Тој завршува дека Владата веднаш да се повлече Законот за попис, а во спротивно, како што вели тој,нема да признаат резултатите.