На денешниот антивладин протест свое обраќање имаше и лидерот на опозицијата, Мицкоски. Тој кажа дека само политички аматер како Заев може да потпише еден таков договор во кој историјата ќе биде критериум за напредок на државата за ЕУ.
Најпрво тој се извини на скопјани за сообраќајниот метеж, но посочи и дека тие мора да имаат рзбирање за она што се случува.
– Ќе ми дозволите исто така да се извинам и да побарам прошка од скопјани за сето тоа што можеби во овие час и половина го претрпеа во овој сообраќаен метеж, но молам за разбирање затоа што ова навистина се историски моменти за нашиот народ, за македонскиот народ, за македонската нација и македонската држава, рече Мицкоски.
Тој се осврна на договорот со Бугарија и го изрази неговото незадоволство на оваа тема.
– Во минатото често пати повторувавме дека не треба да се потпишуваат договори на егзебиционистички начин, договори чија содржина наместо да биде решение ќе претставува проблем. Тоа го зборувавме и кога се потпишуваше Договорот за пријателство и добрососедство со соседна Бугарија, истакна Мицкоски.
Тој продолжи да зборува на истата тема и го нагласи следново:
– И тоа никогаш нема да претставува договор кој ќе ја донесе Македонија во рамките на обединета Европа и дел од европското семејство, туку напротив претставува алатка на тие што се внатре континуирано да вршат уцена и терор врз македонскиот народ, врз македонската нација и врз македонската држава. За жал, тоа не успеа да го види Зоран Заев и само политички аматер може да потпише еден таков договор во кој историјата ќе биде критериум за напредок на државата во процесот на полноправно членство во рамки на ЕУ, вели лидерот на опозицијата.
За крај тој повика на масовност на протестите бидејќи, како што вели тој, станува збор за идентитетот, обичаите, историјата, јазикот.
– Затоа час поскоро оставка и затоа ги повикувам скопјани и утре со почеток во 15 часот заклучно со 16:30 да ни се приклучат овде пред платото на Владата но и пред Министерството за надворешни работи повторно да го изразиме нашиот револт против овие политики кои што на таинствен начин ги води Владата на Зоран Заев. Оние преговори за кои Зоран Заев велеше дека се водат на ниво на работни групи, а пак оние гласноговорници на СДСМ поитаа да го демантираат Зоран Заев и да кажат дека нема такви преговори. Народот заслужува да ја знае вистината, ВМРО-ДПМНЕ заслужува да ја знае вистината, заклучи Христијан Мицкоски.
Во продолжение може да го видите говорот на лидерот на опозицијата.