Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по состанокот со медицинските лица, кој беше свикан на како што рече, отприлика година дена од првиот случај на Ковид-19 кој што се дијагностицираше и се осврна на ситуацијата со вирусот во Македонија.
„Тогаш во тоа време не убедуваа дека опозицијата ширела лажни вести, дека опозицијата била таа која што не знаела што зборува, дека власта ги имала конците во свои раце и дека практично имале стратегија, имале план, имале визија како да спречат понатамошно ширење на вирусот. Иако месеците потоа потврдија дека ниту план имаат, ниту визија, ниту стратегија, ниту пак знаат како тоа да го направат. Не убедуваа дека ќе имаме не повеќе од 2.000 луѓе кои што ќе заболат од овој вирус, за жал денеска имаме повеќе од 100.000 евидентирани, можете да замислите колкава е бројката на тие кои што не се евидентирани“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека за жал имаме повеќе од 3.000 наши сограѓани кои што ги загубија животите поради, како што рече, неспособноста на Зоран Заев и владата на СДСМ.
„И за жал од она што можеме да забележиме е дека и после една година ниту имаат план, ниту имаат визија, ниту пак имаат стратегија туку напротив служиме за потсмев. Луѓето буквално играат мајтап со Македонија, единствената држава во Европа, би рекол на Балканот сигурно, која што сеуште нема набавено сопствени вакцини, кои што граѓаните кои што сакаат да се вакцинираат ќе ги имаат на располагање. Еве денеска еден од присутните претседателот на комисијата прочита еден фејсбук статус на еден негов колега кој што буквално моли да добие вакцина од министерот, човекот има 65 години“, рече Мицкоски.
Според лидерот на најголемата опозициска партија, се наоѓаме во една апокалиптична ситуација за здравјето на граѓаните, за здравјето на нацијата.
„Јас навистина единствено нешто што можам во овој момент да побарам е голема општествена широка поддршка да се совладаат овие неспособни луѓе кои што денеска се наоѓаат во Владата, а потоа да дојдат луѓе кои што знаат како навистина да ги решат напластените проблеми кои што и онака се напластија уште повеќе во овие 4 години од Зоран Заев и СДСМ, а потоа се разбира и одговорност за сите овие погрешни политики кои што за жал значат и човечки загубени животи“, посочи Мицкоски, по состанокот со медицинските лица.