Треба да има писмен документ, јас на изјавите на скопските политичари и министри не верувам. Три години слушаме само убави нешта, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.
Тој во интервју за бугарска телевизија вели дека ветото е „малку едно отрезнување“ и дека сега очекуваат седнување на маса и чесен дијалог меѓу народи кои имаат општа историја и говорат еден ист јазик. Ако тоа не се случи, нема проблем, вели тој, ние не брзаме.
-Мојата прогноза е дека сега ветото на Бугарија ќе биде еден студен туш за нив ( Македонија). Се надевам дека тој студен туш ќе дејствува како што дејствува на еден пијан човек кој живее во илузиите создадени од испарувањето на алкохолот. Малку едно отрезнување, седнување на маса и чесен дијалог меѓу народи кои имаат општа историја и говорат еден ист јазик. Тоа очекуваме. Ако не, нема проблем, ние не брзаме, изјави Каракачанов во интервјуто.
Потенцира дека треба да има писмен документ оти тој не им верува на изјавите на, како што ги нарече, скопските политичари од кои три години слушале само убави нешта.
-Да, треба да има писмен документ, јас на изјавите на скопските политичари и министри не верувам. Три години слушаме само убави нешта. Прво, јасно и категорично признание за тоа дека историјата на Македонија до 1944 година е дел од историјата, културата и јазикот на бугарскиот народ. Второ, нивните напори за создавање на некаков посебен идентитет, датираат после 1944 година. Трето, и покрај ова, на територијата на Република македонија има луѓе, кои и покрај државната политика имаат бугарски чувства и го нарекуваат својот јазик бугарски. Анекс го кажав, може да е меморандум, може да е нов договор, како сакате речете го, идејата ми е да биде потпишан, затоа што не им верувам на убавите изјави, дециден Каракачанов.