Македонија 29. октомври 2020. / 20:53

(ВИДЕО) Јаулески до Велковски: Наместо да имате екстензивен ребаланс на Буџетот, вие лоцирате пари на погрешни места

(ВИДЕО) Јаулески до Велковски: Наместо да имате екстензивен ребаланс на Буџетот, вие лоцирате пари на погрешни места

На денешната собраниска седница пратеникот Јован Јаулески се обрати до неговиот колега Велковски кој кажа дека ребалансот е потребен за да се зачува функционалноста на здравствениот систем и губењето на работните места.

Тој потсети дека за жал има 28.000 позитивни и 949 смртни случаи и први сме во светот по глава на жител по смртност од оваа пандемија.

Да ве потсетам исто така, дека државното здравство не нуди брзи тестови за граѓаните, односно граѓаните чекаат по неколку денови за да се тестираат и најчесто се испраќаат во други градови, што пак е причина граѓаните да ги посетуваат приватните лаборатории за да направат тест и тој тест чини најмалку 50 евра. За жал, изминативе денови бев сведок на тоа да по пат на Facebook се бара крвна плазма, а имаме и над 20.000 оздравени, и ова е уште еден доказ дека државата не води грижа за тоа да набави крвна плазма од излечените од Covid-19, рече Јаулески.

Понатаму, додаде тој, во однос на економијата ги споменавте мерките, односно првите 3 пакет мерки каде што беа обезбедени над 500 милиони евра, но за жал реализирани се само една третина, тоа исто така говори за нефункционалноста на оваа старо – нова власт.

Над 46.000 граѓани го изгубија своето работно место, над 20.000 ученици не можат да се вклучат во образовниот процес и вие наместо да имате екстензивен ребаланс на Буџетот, вие лоцирате пари на погрешни места. И да биде уште потрагично – не знаете ниту да ги искористите! Во моментов имаме највисок дефицит, најголем долг кој изнесува 60% од БДП и не знам до каде ќе оди ова ваше тонење, не знам каде ви е дното. По сите негативни параметри, ние сме водачи во регионот, потенцира Јаулески.