Македонија 25. мај 2018. / 18:27

(ВИДЕО) Горјан Тозија направил ФИКОМ шема во Загреб?! Ист стан го продал на две семејства

(ВИДЕО) Горјан Тозија направил ФИКОМ шема во Загреб?! Ист стан го продал на две семејства

Директорот на македонската агенција за филм, Горјан Тозија, ист стан во Загреб, го продал на две семејства. – покажува видеото, кое истражувачи од Хрватска го пратија до Лидер.

На видеото, со документи и податоци е објаснето, како сегашниот директор на агенцијата за филм, ја спровел шемата која наликува на онаа која компанијата ФИКОМ, ја направи во Македонија.

Во почетокот на 90-те години на минатиот век Тозија работел за Јадран филм во Загеб, и решил да го продаде својот стан во Загреб на улица Зеленгај 67.

Според изјавите на купувачите на станот, сценариото на оваа измама изгледа отприлика вака.

На 5 февруари 1992 година семејството Лабош го купува станот на Тозија во Загреб. Ова семејство, набрзо потоа заминува на работа во странство.

Една година потоа, на 5 мај 1993, Тозија го нуди и го продаде истиот стан на неговиот пријател, познаник Милан Јаковљевиќ. Според тврдењата на Јаковљевиќ, Тозија од него побарал да му го купи станот, затоа што бил во коцкарски долгови.

За првиот договор со семејството Лабош, Тозија во динарска противвредност примил 260 илјади тогашни германски марки, за кои е платен данок на 10 март 1992 година. За тоа бил лично известен даночниот обврзник Горјан Тозија, тогаш со адреса на улицата Месничка 32 во Загреб.

За вториот договор, со семејството Јаковљевиќ, тој во динарска противвредност примил 150 илјади германски марки. За тој договор данокот бил платен на 26 мај 1993 година.

Во вториот договор со Милан Јаковљевиќ, Тозија во член 1 потврдува дека станот е во негова сопственост, а во друг член вели дека „не постојат никакви пречки за купопродажба на конкретниот стан“.

Милан Јаковљевиќ, вториот купувач на станот на Зеленгај 67 платил и данок на купениот стан.

Според Јаковљевиќ, кога Тозија му го покажал станот, тој не знаел дека бравата била заменета, дека овој ги исфрлил приватните работи на вистинските сопственици и го понудил за продажба. Тозија очигледно знаел дека семејството Лабош работи во странство и дека не се во станот кога таму го довел Јаковљевиќ за да му го продава, вели во изјавата за МКД.мк Јаковљевиќ.

Семејството Лабош ангажирало адвокат.

За случајот, на 9 јуни 1993 интервенирала и полицијата во станот на улицата Зеленгај 67 во Загреб. Вистинските сопственици велат дека откако Тозија им ги заменил бравите, им било оневозможено да влезат во нивниот стан..

Во Општинскиот суд во Загреб се водеше судски процес, а пресудата беше – сосопствеништво. И Лабош и Јаковљевиќ станаа сопственици на станот. Јаковљевиќ вели дека тогаш решил да се повлече, да им го отстапи станот на семејството Лабош и сам да си ги бара парите од Тозија. „Знаете како беше во тоа време, војна, јас бев ранет, лежев по болници, денес сум инвалид, уште судови ми требаа. А постојано добивав ветувања од Тозија дека парите ќе ми бидат вратени. Тој мал дел и ми врати, но долгот сѐ уште е многу голем“, вели Јаковљевиќ.

Актуелниот директор на Агенцијата за филм денес вели дека тоа се случило многу одамна и дека станот го продал преку агенција за недвижности.

„Што направи таа агенција, јас навистина не знам. Jaс ја напуштив Хрватска во 1992 година. Не сум државјанин на Хрватска, ниту пак знам за што ме обвинуваат. Во виорот на војната многу луѓе, нехрватски државјани беа обвинувани за сѐ и сешто. Малку ми е нејасно дека некој може за нешто да ме обвинува 26 години потоа. Во 2005 година, за мои потреби, извадив потврди дека против мене на територијата на Република Хрватска не се води никаква судска постапка. Можеби сето ова е дел од пропагандната машинерија и скапо платените ПР-експерти на Винко Грубишиќ, со кој Агенцијата за филм на Македонија и јас имаме спор за неснимената ТВ серија „Македонија“ пред судовите во Македонија. Целта е да се покрие криминалот. Но ајде да видиме“, вели Тозија за МКД.мк, но не одговара – зошто тогаш платил данок за станот, по втор пат, доколку знаел дека тој е веќе продаден?

Јаковљевиќ најавува дека повторно ќе дојде во Скопје и се надева дека Тозија ќе го направи она што му го ветува веќе со години, дека ќе му ги врати парите. Во спротивно, вели дека ќе отвори нов судски спор.