Неколку стотици граѓани, претежно млади лица, денеска го одржаа вториот протест „Правда за Кољо“ и уште еднаш го искажаа својот револт за висината на пресудата со која судот го казни лицето кое минатата година го уби 17-годишниот Никола Христовски – Кољо.
Под слоганот „Жолт картон за системот“ и „Младите животи вредат“, облечени во црни маички во натпис „Правда за Кољо“, со транспаренти и жолти картони, граѓаните јасно порачаа „Уаа убијци“, „Сакаме правда“, „Судство за пари“, но и познатото „Нема правда нема мир“.
Присутните прво седнаа пред Министерството за правда каде дадоа аплауз за убиениот 17-годишник, по што тргнаа кон Обвинителството, каде наидоа на полициски коридор. Кратко се задржаа за да продолжат кон комплексот судови на Битпазар.
Како што посочија организаторите, со протестот уште еднаш сакаат да покажат на институциите дека се незадоволни „од пресуди со кои убијците добиваат минимални казни, од селективната правда и корумпираното судство“.

За повеќе слики од протестот посете ја страната на Радио Моф.