Студениот бран проследен со врнежи од снег што ја зафати Македонија го отежна одвивањето на сообраќајот. Јавното претпријатие Македонија пат има повеќе работни задачи и обврски, меѓу кои редовно и зимско одржување на магистралните и регионалните патишта. Но, сликата на терен зборува нешто сосема поинаку. Од фотографиите од автопатите Скопје-Тетово и Тетово-Гостивар испратени од читател, се гледа дека патот воопшто не е исчистен.
Возачите од овој патен правец велат дека автопатите воопшто не се чистат и апелираат до службите да се „разбудат“ и да ги преземат сите мерки и обврски за да се исчисти патот кој претставува опасност во состојбата во која се наоѓа.
Врнежи на снег со променлив интензитет има на целата територија на Македонија, исто така поради ниските температури можна е и појава на голомразица, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Дирекцијата за заштита и спасување апелираше до градоначалниците и општините да ги преземат сите неопходни мерки за расчистување на снегот и снежните наноси, заради нормално одвивање на сообраќајот и заштита на населението согласно обврските од Законот за заштита и спасување.
Според најавата на Управата за хидрометеролошки работи (УХМР), врнежите од снег од попладне ќе засилуваат, особено во западните и северните делови на Македонија, каде снежната покривка дополнително ќе се зголеми за 10 до 20 сантиметри, а на планините и над 20 сантиметри. На крајниот југоисток врнежите ќе бидат мешани од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне од -2 до 3 степени.
Од утре до недела времето ќе биде стабилно и суво со ниски утрински температури и со услови за магла по котлините.