Македонија 29. октомври 2018. / 10:53

(ВИДЕО) Ефтов: Со „Панорама 2“ ВМРО-ДПМНЕ расчисти со криминалното минато

(ВИДЕО) Ефтов: Со „Панорама 2“ ВМРО-ДПМНЕ расчисти со криминалното минато

Новинарот Васко Ефтов својата емисија „Во Центар“ ја посвети на последните случувања во ВМРО-ДПМНЕ. Тој го постави прашањето дали со исклучувањето на Сашо Мијалков, Никола Тодоров, Митко Јанчев и пратениците кои гласаа „ЗА“ пристапување кон уставни измени, ВМРО-ДПМНЕ расчисти со криминалното минато.

Ефтов направи паралела помеѓу сегашните случувања во партијата и случувањата од пред неколку години, кога Љубчо Георгиевски беше сменет од лидерската функција на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевси застана да раководи со чиста партија. Тој го постави прашањето дали ако „Панорама 1“ што значеше дрматично раскинување со Љубчо Георгиевски, тогаш пред неколку денови во ВМРО-ДПМНЕ се случи „Панорама 2“, кога партијата раскина со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

Дали после „Панорама 2“ целиот криминален товар, целото криминално миле на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде ставено на плеќи на Сашо Мијалков и Христијан Мицкоски, Александар Николоски и новото раководство ќе добијат чиста партија со која ќе можат да победат на следните избори– запраша Ефтов.

Во неговата емисија гости беа Ламбе Арнаудов и Самоил Малчески.

Арнаудов смета дека работите сепак може да се променат, бидејќи референдумот беше неуспешен.

Јас сум презадоволен од резултатите од референдумот. Народот покажа една висока морална свест и љубов кон татковината. Ако тогаш народот си ја запечатеше судбината, мислам дека ќе беше многу потешко, рече Арнаудов и додаде дека се ова што прават политичарите сега во Собрание може да се попарави.

Политичкиот аналитичар Самоил Малчески, смета дека не е чесно што пратениците ги изневерија своите гласачи и кажа дека пазарењето за гласањето не било со пари, туку со амнестија.

Мислам дека тој пазар не беше во финансиски средства, туку повеќе беше пазар за аменстија, за тоа што тие претходно го правеле, со исклучок на еден или двајца од тие пратеници, смета Малчески и кажа дека според неговите информации лично Сашо Мијалков се пазарел за на власта да им се приклучат тие 7 пратеници од опозицијата.

Ефтов во емисијата потенцира дека градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој имал амбиции да ја предводи партијата, беше разрешен, а исто така со него низ вода е пуштен и поранешниот министер Никола Тодоров, кој успеал да ја скара партијата со неколку крупни целни групи од електоратот, како што се здравствените работници и беше архитект на Пржинскиот договор.

Според соговорниците кризата во Македонија не е помината, а останува да се види дали Мицкоски, ослободен од оние кои, како што ги нарече тој, ги предадоа интересите на партијата и ја изневерија волјата на народот, ќе успее да победи на следните парламентарни избори.