Македонија 22. јануари 2021. / 09:22

(ВИДЕО) Димовски: Законот за попис е резултат на претходно договорени работи меѓу партиите од власта

(ВИДЕО) Димовски: Законот за попис е резултат на претходно договорени работи меѓу партиите од власта

Утрово гостин во емисијата „Утро со Златев“ беше претседателот на СПМ, Љупчо Димовски. Тој зборуваше на повеќе теми, а акцент стави на актуелната тема во јавноста, законот за попис.

– Вчера се покажа насилството кое го врши мнозинството во Собранието, кое всушност стои на стаклени нозе. Мнозинството на еден неодговорен начин го изгласа законот за попис со 62 гласа. Ние како опозиција воопшто не присуствуваме бидејќи не сакавме да дадеме легитимитет за закон за кој нема консензус, вели Димовски за Радио Лидер.

Тој вели дека овој закон наместо статистичка операција пописот се претворил во политичка операција.

– Законот за попис е резултат на претходно договорени работи помеѓу партиите од власта, потенцираше Димовски.

Тој додаде дека опозицијата предлагала да се одложи реализацијата на пописот.

– Сите наши предлози кои ги имавме беа одбиени. Слух за нашите зборови нема, а мнозинството не се обиде да разбере што всушност бараме ние, додаде Димовски.

Тој смета дека со немањето слух за предлозите на опозицијата не знае колку може пописот да се смета за релевантен.