Молкот кај Шекеринска и нервозата и нетрпението кај Шапуриќ покажуваат дека се фатени живи како си префрлаат народни пари меѓу себе, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Господине Шапуриќ, ние ја разбираме вашата нервоза. Скандалот што излезе Ви ги помати пресметките за вашиот буџет и навистина ни е жал за тоа. Но, како министер кому обврска му е да работи за подобрување на климата за домашните инвестиции, Вие никако не смеете да работите за подобрување на климата на буџетот на вашата невладина организација, од која документите велат дека сте дел, а вие негирате. Кој лаже? Официјалните документи или Вие? Зоран Шапуриќ, пред да се закануваш со тужби, сите инволвирани во скандалот треба да одговорите на неколку прашања“, рече Арсовски и додаде:
„Пред да се закануваш со тужби кон медиумите и ВМРО-ДПМНЕ, зошто не ја тужиш невладината ‘Мултикултура’, која наводно, како што велиш, го злоупотребила твоето име?
Господине Шапуриќ, уште едно прашање треба да одговорите. Во демантот велите, цитирам: „Преку соопштение јавно укажав дека немам никакво влијание, ниту интерес од активностите на доделување финансиски средства од Министерството за култура, а некои новинари и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ упорно го тврдат спротивното“. Дали сакате јавно и транспарентно да ни укажете дека вашата невладина ‘Мултикултура’ добила средства и од Министерството за култура? Дали постои друг професор доктор Зоран Шапуриќ на Американ колеџ во Република Македонија или Вие сте единствениот со ова име и презиме и со оваа титула?“, запраша тој.
Арсовски бара и Шекеринска да одговори дали има донесено годишна програма за финансирање невладини организации во Министерството како што налага законот за невладини организации, а НВО „Мултикултура“ да одговори како се најде името на проф. д-р Зоран Шапуриќ на нејзината интернет-страница и под чиј притисок се тргна од таму и од документите на „Мултикултура“?
„Фатени сте живи и нема бегање од овој скандал. Доблесно, морално, етички, транспарентно и човечки е да признаете и да си сносите одговорност. Најпрвин политичка одговорност, да си поднесете оставки, а потоа и правна. Јавното обвинителство на толку повикувања од целата јавност, па и од самиот инволвиран во скандалот – Шапуриќ, треба уште веднаш да поведе постапка и да ја истера до крај. Граѓаните чекаат одговори, но граѓаните чекаат и одговорност. На крајот граѓаните и Република Македонија ќе победат!“, рече Арсовски.