Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во интервју за косовската телевизијата „Т7“ порача дека по парламентарните избори во Македонија, на кои неговата партија освои 15 пратенички мандати, иден премиер на земјата треба да биде Албанец, односно кандидатот на ДУИ, Насер Зибери.
Гостувајќи преку видео–врска во емисијата „Пресинг“ на „Т7“, Ахмети порача дека „на хегемонистичките политики им дошол крајот и идејата за премиер Албанец ќе заживее мошне бргу“.
Албанците имаат право исто колку и Македонците и сé додека премиер може да биде Македонец зошто не би бил и еден Албанец – изјави Ахмети.
Одоговарајќи на новинарско прашање, лидерот на ДУИ порача дека се неосновани гласините оти неговите барања можат да доведат до дестабилизација на регионот и нагласи дека неговата партија ќе остане фактор на стабилноста.
Ахмети информира дека веќе стапил во контакт со лидерите на останатите партии на Албанците кои ќе имаат пратеници во идното македонско Собрание, односно со Зијадин Села од Алијансата за Албанците, Билал Касами од Беса и Мендух Тачи од Демократската партија на Албанците.
Според Ахмети, целта на тие контакти била да се заживее сонот за прв премиер Албанец во Македонија. За содржината на тие разговори лидерот на ДУИ информира единствено дека Села, како лидер на коалицијата која освои 12 пратенички места, му рекол оти ќе му одговори откако официјално ќе се потврдат резултатите од гласањето.