Собранието доцна синоќа ги верификуваше мандатите на пратениците кои доаѓаат на местото на идните министри во владата. Седницата траеше долго со неколкучасовни паузи бидејќи поединечно беа констатирани оставките на идните министри, а потоа по добивањето на извештајот од Државната изборна комисија, беа верификувани мандатите на идните пратеници.
ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од Левица ја напуштија собраниската седница со образложение дека се постапува неделовнички односно Верификационата комисија нема мандат да решава бидејќи претстанала да постои по конститутивната седница.
Според ВМРО-ДПМНЕ, верификацијата се врши врз основа на извештајот на ДИК, а по предлог на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а не по предлог на Верификационата комисија.
Денеска СДСМ верификува мандати спротивно на Деловникот за работа на собранието и неговиот член 17, кој јасно вели дека пратениците кои ќе станат пратеници од листата на кандидати во остатокот од мандатот собранието ја врши на првата наредна седница врз основа на извештајот на ДИК, а по предлог на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, а не по предлог на верификационата комисија, како што тоа денес го прави, посочија од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.
СДСМ, пак, излезе со став дека опозицијата со ваквото однесување сака да создаде ситуација во која нема да бидат верификувани мандатите на новите пратеници што во иднина би значело и нефункционално Собрание и нова политичка криза.
Денешното однесување на опозицијата може да доведе до ситуација во која нема да може да се верификуваат мандатите на пратениците кои доаѓаат на местата на оние кои во иднина ќе бидат министри. Тоа во иднина би значело дека ќе имаме нова легитимна влада, но нема да имаме фукционално собрание. Тоа би значело нова криза. Токму тоа е причината зошто ги преземаме овие чекори. Како одговорна коалиција и одговорни пратеници должни сме да не дозволиме и да спречиме нова криза во следниот период, нагласи Јован Митрески, координатор на СДСМ од собраниската говорница.
Доцна вечерта седницата ја напуштија и пратениците од Алијанса на Албанците и Алтернатива со образложение дека 12 часа се во Собранието и со барање седницата да продолжи денеска на што реагираше претседателот на Собранието, Талат Џафери со објаснување дека законодавниот дом ќе работи се додека има соодветно мнозинство.
Мандатарот Зоран Заев во 11 часот денеска ќе го достави предлогот за нова Влада до Собранието, по што ќе следува расправа и гласање.