Македонија 14. мај 2020. / 09:20

Вебинар за влијанието на пандемијата врз функционирањето на безбедносниот систем

Вебинар за влијанието на пандемијата врз функционирањето на безбедносниот систем

Со одржување на првиот вебинар денеска почнува реализацијата на проектот „Регионалните безбедносни предизвици и новите државни актери за време и по кризата од пандемијата“ во организација на Факултетот за безбедност-Скопје и Фондацијата „Конрад Аденауер“.

Денешниот прв вебинар е насловен „Влијанието на пандемијата врз функционирањето на безбедносниот систем, јавните политики и надворешните односи во услови на вонредна и кризна состојба“, а на него најавено е обраќање на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, директорот на фондацијата „Конрад Аденауер“, Норберт Бекман, како и на професорите Марјан Ѓуровски, проректот на УКЛО и професор на Факултетот за безбедност-Скопје, Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност-Скопје, Татјана Дронзина, професор на Софискиот Универзитет и Стефан Сурлиќ од Факултетот за политички науки од Белград.

– Проектот кој започнува да се реализира има за цел да понуди компаративна анализа на меките и тврдите мерки и други механизми, политиките и воопшто начинот на справување на овие земји од регионот со глобалната пандемија, да укаже на можностите и неопходноста од регионална соработка на полето на безбедноста и управувањето со кризи, како и да понуди анализа на геополитичките аспекти и делување во услови на глобална пандемија, вели проф. д-р Марјан Ѓуровски, кој е носител на регионалниот проект.

Предмет на анализа, како што посочува Ѓуровски, ќе биде и заканата од хибридни закани односно лажни вести во обид да се секуритизира прашањето кое во моментот е само здравствено со потенцијал да прерасне во безбедносната закана која ќе има последици и по економската безбедноста на секоја земја.

Проектот предвидува онлајн-експертски сесии, по две во мај и јуни, а ќе се заокружи со издавање на публикација со препораки и заклучоци, изработена од страна на тројца експерти по безбедност од Северна  Македонија, Србија и  Бугарија.