Македонија 19. март 2020. / 09:15

Вчера најлош ден: 11 случаи што навестуваат нагло зголемување на бројката на заразени?

Вчера најлош ден: 11 случаи што навестуваат нагло зголемување на бројката на заразени?

Со 11 нови потврдени случаи на заразени со корона вирус, вчерашниот ден беше најлош во оваа статистика од моментот кога се појави овој вирус во Македонија.

Првата заболена беше регистрирана на 26 февруари, а од тој момент наваму, бројката се зголемуваше, но со релативно бавно темпо. Така, во следните 15 денови имаше вкупно осум нови случаи.

Затоа, пак, епидемијата зема замав на 13 март, кога имаше четири нови случаи, по што во наредните четири дена билансот беше шест, па ниту еден, па пет и осум заболени за да се дојде до досегашниот врв, односно вчерашните 11 потврдени случаи.

Тоа се бројки што покажуваат дека епидемијата зема замав и дека може да се очекува трендот на пораст на бројките да продолжи во наредниот период.

За време на ваквиот пораст на вкупниот број на заболени, може да се забележи дека доста брзо се зголемува ширењето на епидемијата во Скопје.

Ако на почетокот од кризата главното жариште беа општините Дебар и Центар Жупа, поради што таму беше и прогласена кризна состојба, во последните неколку дена нагло порасна и бројот на заразени во Скопје. Така, од вкупниот број од 42 заразени, веќе повеќе од една третина се во Скопје, односно 15 пациенти.