Македонија 26. јуни 2020. / 09:44

Утрово целосно отворени сите гранични премини за слободен влез во државата

Утрово целосно отворени сите гранични премини за слободен влез во државата

Од утринава целосно се отворени сите гранични премини во Македонија за непречено движење на патници и возила. Притоа, за влез во државава нема да биде потребно приложување на негативен ПЦР тест, а укината е и обврската за упатување во домашна изолација.

Од 1 јули, среда, ќе бидат отворени за сообраќај  и Меѓународниот аеродром Скопје и aеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Останува обврската за почитување на препораките за носење лична заштитна опрема, држење дистанца и честа дезинфекција.

Согласно овие одлуки Владата донесе одлука од утринава да биде укината и забраната за организиран превоз.

За излез од држава, македонските државјани може да патуваат без ПЦР тест или задолжителна изолација во Србија, Албанија, Косово и Турција. За разлика од  нив таква обврска останува за влез во некои земји во регионот и во ЕУ-членките. За патување во земјите членки на ЕУ важат насокоите дадени од ЕК за отворање на границите од 1 јули, годинава. Оваа одлука  членките на Унијата деновиве треба повторно да ја разгледаат  поради растот на бројот на заболени од коронавирусот во земјите во регионов.

Грција, според најавите на  властите во Атина, засега останува на основниот план за отворање на границите на 1 јули, но и со укажување дека тоа е „план што континуирано се ажурира и во соработка со европските власти“.

Словенија и Хрватска, пак, најавија можност за заострување на граничниот режим и повторно враќање на обврската за двонеделен карантин за лицата кои доаѓаат од Србија, БиХ, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и од Косово, имајќи ја предвид епидемиолошката слика во овие земји. Бугарија, пак, ја продолжи вонредната состојба во земјата до 15 јули поради новиот бран заразени со коронавирусот.

Во пресрет на отворањето на границите, на барање на Главниот координативен кризен штаб,  Државниот санитарен и здравствен инспекторат синоќа донесе одлука со која се поништуваат сите дејствија по решенијата за периодот од 13 до 25 јуни годинава за лицата под здравствен надзор и домашна изолација и лицата во државен карантин кои влегле во Република Македонија со негативен ПЦР тест на Ковид-19 .

Отворањњетио на границите, не предизвика зголемен сообраќај на патиштата низ држвата. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

Сообраќајот на патниот правец Р1203 Тетово – Јажинце е нормализиран и се одвива за сите видови на возила. На местото каде што се излеа Габровска Река кај село Одри има стеснување на коловозот во должина од 100 метри каде во текот на денешниот ден ќе се продолжи со чистење на коритото на реката. На самото место има поставено соодветна сообраќајна сигнализација.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и исклучително внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.