Заврши денешната расправа за нацрт-амандманите на Уставот во собраниската Комисија за уставни прашања, а продолжението е закажано за утре во 11 часот.
Во попладневниот дел од расправата, Алијансата за Албанците и движењето „Беса“ ги повторија нивните барања за албанскиот јазик да се изедначи со македонскиот јазик и да стане службен на целата територија, односно во делот од Уставот каде стои „службен јазик на државата е …..“, да стои „службени јазици на државата се ……“. Со ова, според нив, ќе се затворат отворените прашања во државата.
– Барањата на Алијансата за Албанците и на албанската опозиција ги поддржуваат 100 проценти од Албанците во Македонија. Тоа се барања кои ги поддржуваат и гласачите на ДУИ, на движењето „Беса“ од крилото кое е во Владата. Јас и моите граѓани сакаме јазикот којшто го говориме да биде албански јазик, а не јазик којшто го говорат 20 проценти од народите – рече Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците.
Според Фадил Зендели од „Беса“, кога веќе се отвораат уставните измени, треба да има поголема инклузивност во насока на тоа да се решат и отворените прашања.
– Уставните измени од 2001 година и Охридскиот рамковен договор не дадоа крајно решение на отворените прашања во Македонија -рече Зендели.
За Зоран Илијоски од ВМРО-ДПМНЕ, пратениците немаат легитимитет и мандат да расправаат за уставните измени бидејќи референдумот бил неуспешен и повеќето граѓани кажале „не“ за промена на името и Уставот. Единствен излез од ситуацијата, според Илојоски, е да се распишат нови избори.
На ова реплицираше премиерот Зоран Заев, кој посочи дека референдумот бил успешен, но оти одлуката не е донесена и прашањето е што после тоа.
– Носиме или не носиме одлука. Атмосферата во Параламентот е тешка од повеќе причини, а една од нив е затоа што некои одлучија да стават колеги на отстрел поради различно мислење. Тоа е тежината и мене ми е тешко поради тоа – рече Заев.
Пред пратениците Заев нагласи дека сите конструктивни забелешки кои се во рамки на Преспанскиот договор се добредојдени.