Македонија 17. декември 2020. / 08:38

Утре почнуваат новите рестриктивните мерки, бројот на ковид-новозаразени не стивнува

Утре почнуваат новите рестриктивните мерки, бројот на ковид-новозаразени не стивнува

Од утре почнува примената на рестриктивните мерки што ги донесе Владата по препорака на Комисијата за заразни болести. Со мерките кои ќе бидат во сила до 20 јануари, работното време на угостителските објекти се скратува до 18 часот, а се забранува и организирање и одржување прослави на претстојните новогодишни и верски празници.

Мерките не дозволуваат ниту организирање Нова Година на отворен и затворен простор од физички и правни субјекти. Ова се однесува и на јавните институции, поради што на општините и на сите организации основани од локалната самоуправа им се укажува дека освен што е забрането секакво групно собирање и организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници, треба да се откажат и прославите што се веќе евентуално закажани.

Во рестриктивните мерки е вклучена и забраната за хотелите за организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници. И тие, ако веќе имаат организирано новогодишни прослави, треба да ги откажат.

Во угостителско-сместувачките објекти (хотели, мотели, хостели) и нивните ресторани се ограничува работното време до 21 часот. Тие ќе може да работат исклучиво за пансионските гости и само за време на послужување на оброците. Се ограничува работното време и во кафетериите, баровите и шанковите во угостителските сместувачки објекти до 18 часот.

Со новите мерки се забранува и изнајмувањето викендици и други туристички капацитети за сместување, за групно собирање и организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници, освен за лица од едно, исто семејство.

Вчера, КОВИД-билансот беше 865 нови случаи, 641 оздравен пациент и починати 25 лица. Порака да се остане дома за празниците упатија и министерот за здравство, Венко Филипче и претседателот на државата, Стево Пендаровски и здравствените работници, а Владата почна кампања за одговорно празување.

Филипче повторно апелираше и да не се излегува надвор во овој период ако за тоа нема некоја вистинска, голема потреба. Тој оцени дека отворените граници не се ризик за влошување на епидемиолошката ситуација. Напротив, рече, локалната трансмисија е главниот можен ризик и затоа се такви рестриктивните мерки.

Во годишното обраќање претседателот Пендаровски ги повика граѓаните претстојните празници да ги прослават во кругот на семејствата, со најблиските.

-Изминатава година, како народ, поминавме низ најголемата голгота каква што не паметат ниту нашите највозрасни граѓани. Плативме огромна цена, над 2100 наши сограѓани го изгубија својот живот, многу семејства останаа унесреќени за навек. Честитајќи ви ги на сите престојните празници, сакам, не само како претседател, туку како еден од вас, да ве замолам да ги прославите дома во кругот на најблиските за да го сочуваме најскапоценото што го имаме – здравјето и животот. Кога издржавме цела година, со маски, карантин, изолација и ограничено движење, ве молам, да издржиме уште некој месец пред да почнеме да се враќаме во нормала. Ќе има време и за излегување и за дружење и за муабети со пријателите и другарите. Но, премногу луѓе изгубивме за да си дозволиме нови човечки и семејни трагедии, рече Пендаровски.

Здравствените работници ја поддржуваат кампањата „Празнувај одговорно“. Има време, велат, за големи журки и забави. Не смееме сега да се опуштаме, мора да избегнуваме групирања.