И покрај различните мислења, уставните судии со мнозинство гласови одлучија да не покренат постапка за оценување на амнестијата, што ја изгласаа пратениците за дел од обвинетите за настаните во Собранието од на 27 април 2017 година. Иницијативи поднесоа Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес и адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска. Петров го спореше целиот Закон, додека Јошевска, пак, само членот 2, односно начинот на кој се даде амнестијата.
Уставните судии пред еден месец ја отфрлија иницијативата и на поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков. Чавков, кој е осуден на 18 години и не доби амнестија, бараше од Уставен да се произнесе дали амнестијата е противуставна. Со Законот за амнестија, што Собранието го изгласа пред една година, амнестирани беа 15 од вкупно 33 обвинети за настаните од 27 април.