Што се смени кај уставните судии за две недели за да го сменат своето размислување околу одлуката за распуштање на Собранието? Дали единствената разлика е тоа што оценката на уставноста на одлуката прво дојде од Тодор Петров како претседател на Светскиот македонски конгрес, а сега таа доаѓа од уставниот судија Осман Кадриу и тоа по службена должност?
Оваа дилема произлегува откако Уставниот суд најави дека утре повторно ќе разгледува една иста иницијатива.
Ова во интервју за МИА го потврди и претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати. Тој најави дека утре, по завршувањето на седницата, на работен состанок ќе се расправа по предлогот на судијата Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието.

Мурати вели дека по однос на Одлуката за распуштање на Собранието („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/2020), во моментот нема оформен предмет за оценување нејзина уставност и законитост, но понатамошното постапување на Судот по ова прашање ќе зависи од ставот што ќе го заземат уставните судии на утрешниот работен состанок.
Судот, претходно во предметот У.бр.40/2020, на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оваа одлука. Но, минатиот четврток (30 април), од страна на судијата Осман Кадриу е доставен предлог за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на истата одлука, поради што за утре е закажан работен состанок на судиите.
Ако судиите одлучат да се поведе постапка по службена должност, ќе биде оформен посебен предмет кој ќе биде доделен во работа на судија-известител и државен советник, кои по завршувањето на претходната постапка, треба да достават работен материјал за седница (реферат) со содржан предлог за одлучување што ќе биде разгледан на седница на Судот.
Секако, истакнува претседателот на Уставниот суд, тоа е хипотетички и не значи однапред прејудицирање на таква одлука, која треба да биде донесена по претходна расправа за ова прашање.
Пред уставните судии утре треба да се најде и одлуката на шефот на државата Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба.
– Дневниот ред за седницата која треба да се одржи оваа среда (6 мај) е објавен јавно, при што во точката 1 од делот од кој се однесува на оценување на уставност и законитост е предвидено разгледување на точката 4 од Одлуката за утврдување на постоење на вонредната состојба број 08-526/2 од 18 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020), донесена од Претседателот на Република Северна Македонија.
По однос на втората одлука на претседателот на Републиката за утврдување на постоење на вонредна состојба, можам да Ве информирам дека има оформен посебен предмет и штом се изготви реферат ќе биде предложен за разгледување на седница на Судот, вели Мурати.
Тој во интервјуто изнесува интересен детал во врска со досега донесените владини уредби со законска сила.
– Досега имаме примено иницијативи за уставноста и законитоста на речиси сите досега донесени уредби со законска сила од страна на Владата. Се работи за огромен прилив на нови предмети за краток период и најголемиот дел се веќе дадени во работа, при што повторно нагласувам, веднаш штом ќе бидат изготвувани рефератите по овие предмети ќе бидат на дневен ред за одлучување, истакнува Мурати.