Темелни вредности на нашиот уставно-правен поредок, покрај другите, се владеењето на правото и поделбата на власта. За Уставниот суд е неприфатливо некој да се меша или да влијае во неговата работа и одлучувањето.
Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, се наведува во соопштението од Уставниот суд, по реакциите во јавноста околу постапката по поднесената иницијатива за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување.
Уставниот суд, се вели натаму во соопштението, со внимание ги следеше написите, коментарите, изјавите на претставници на одредени државни органи, дел од медиумите и поедини експерти во кои беа изнесени невистини, обиди за прејудицирање на одлуките на Уставниот суд и невистинито информирање за исходот на гласањето, но и необјективни и нестручни коментари.
Судот смета дека со коментарите и прејудицирањата, се врши директен упад и притисок за нормално функционирање на Судот и неосновано се повредува угледот на Судот и честа и личноста на уставните судии.