Македонија 10. јули 2020. / 09:16

Уште три дена предизборната кампања: Партиите ветуваат дека по 15 јули доаѓаат најдобрите четири години

Уште три дена предизборната кампања: Партиите ветуваат дека по 15 јули доаѓаат најдобрите четири години

Предизборната кампања завршува на 12 јули во 24 часот кога и официјално почнува предизборниот молк. Дотогаш политичките партии и коалициите учесници во предвремените парламентарни избори интензивно на средби со граѓаните се обидуваат да им ги појаснат своите изборни програми и со ветувања за нивно исполнување да ја добијат довербата на 15 јули.

И Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ, партија предводник на коалицијата „Обнова на Македонија“ и лидерот на СДСМ Зоран Заев, партијата што ја предводи коалицијата „Можеме“ најавуваат дека со евентуалната победа на 15 јули доаѓаат најдобрите четири години за нашата држава.

Караванот на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ денеска својата програма ќе ја претстави во скопски Карпош и во Битола,  додека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“ со свои изборни активности ќе биде во Пехчево, Берово и Делчево.

Од СДСМ и коалицијата „Можеме“ нагласуваат дека оваа коалиција знае, сака и умее да победува, да чекори напред, ветуваат подобра економија, повисоки плати, пензии, повисока социјална помош, поголеми вложувања во инфраструктурни проекти…

Во Шуто Оризари победува коалицијата „Можеме“, победува единството и заедништвото. Секојпат ми е чест да зборувам пред ромскиот народ, знаеме дека можеме уште повеќе и подобро, сите други доаѓаат, лажат и заминуваат после изборите – порача лидерот на СДСМ Зоран Заев на трибина синоќа во Шуто Оризари.

Граѓаните да излезат да гласаат јасно истакнувајќи ги разликите меѓу демократското и просперитетно владеење на СДСМ со режимот кој го креираше ВМРО-ДПМНЕ, порача на средба со жители во Чаир, носителот на листа  на коалицијата „Можеме“ во ИЕ 2, Оливер Спасовски. Вети дека до 2024 година ќе бидат отворени 80 отсто од поглавјата за интеграција во ЕУ, а за шест години ќе се затвори преговарачкиот процес.

Од коалицијата „Можеме“ најавуваат и  проширување на опфатот на социјалната помош на 34.000 домаќинства, како и зголемување на опфатот на деца корисници на образовен и детски додаток. На средбите носителите на ИЕ и кандидатите за пратеници потсетуваат и на на изградените и реконструирани 43 градинки, изградените и реконструирани 20 училишта само во ИЕ 3 и за реконструирани двете крила на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Ветуваат и родова еднаквост

Претседателот на Движењето БЕСА, Биљал Касами вчера заедно со Заев во Тетово, истакна дека големата идеја за Европска Македонија како што ги соединила двете партии пред изборите ќе биде водилка и за наредните четири години.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, Христијан Мицкоски гостувајќи во дебатната емисија на телевизија 24 порача дека фокусот на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде исклучиво во економијата. Мицкоски додаде дека фокусот е ставен на економијата затоа што само економски силна држава може да биде држава којашто  ќе ги обединува чувствата и амбициите на луѓето.

За да дојдеме ние до тоа нас потребнони е најпрвин да обезбедиме правна држава. Тоа е многу важно. Сите комори истото тоа го посочија. Ние немаме викаат во моментов правна сигурност за нашите инвестиции. Второ, немаме предвидливи економски политики. Зошто немаме предвидливи? Затоа што денес се носи прогресивниот данок, утре се укинува, едноставно ние не можеме да ги планираме нашите бизнис планови за во иднина. Понатаму, немаме доволно квалитетна и квалификувана работна сила, пред се мислам на високо образование, и средно образование, занаетчии да бидам попрецизен. Денес во нашата држава не можете да најдете заварувач. Да излезете на пазар на труд и да понудите плата не знам колку вие не можете да најдете заварувач бидејќи ги нема. И тие што биле заварувачи поискусни заминале надвор од државата и сега се некаде на друго место – порача Мицкоски.

Мицкоски, во обраќањето синоќа во скопски Аеродром нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори излегува со понуда содржана во 360 страни наречена Проект „Обнова“ и таму има буквално за секој граѓанин односно таму може да се најдат повеќе од 1000 проекти, како да се дојде до 25 проценти повисока просечна плата во еден мандат, како да се дојде до 20 проценти повисоки пензии и враќање назад на старото законско решение кога пензиите два пати годишно растеа, како до 1000 километри нови реконструирани локални и регионални патни правци, како до најнизок данок од 8 проценти и уште многу други проекти.

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети  не отстапува од идејата за прв премиер Албанец, која, како што вели, потекнува уште пред 11 години. Тој истакнува дека жали што неговите конкуренти, опоненти, не ја гледат, не ја студираат платформата на ДУИ и им порача внимателни да ја следат документацијата, историјата на партијата, бидејќи, како што рече, „во иднина може да се случи да паднат на минско поле, како што сега паднаа“.

Насер Зибери, кандидатот за прв премиер Албанец на Северна Македонија, од редовите на ДУИ, во неговиот акциски план за првите 100 дена како премиер на Македонија, меѓу другото предвидува социјална пензија за сите жени кои никогаш не работеле официјално. За него оваа мерка е со најголем приоритет и е една од 25-те конкретни мерки на планот што предвидува подобрување на животот на сите граѓани.

Изборната програма на Демократскиот сојуз за овие избори оди под мотото „За Европска Македонија“. Дводецениско залагање на ДС за европски вредности и стандарди во Македонија е причината што на овие избори партијата настапува заедно со коалицијата „Можеме“,  предводена од СДСМ, истакна Зоран Димитровски, генерален секретар на ДС, кој најави одржување на Шестиот Конгрес на партијата.

Демократскиот сојуз оваа година одбележува јубилеј 20 години од формирањето на партијата, а тоа се совпаѓа со предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 15 јули. Веќе две децении Демократскиот сојуз е препознатлив по својата автентична политичка програма и енергичното залагање на нашиот претседател Павле Трајанов за создавање правна држава, борба против организираниот криминал и корупцијата, деполитизирани институции, слободни медиуми – рече Димитровски.

Сенада Ибраимова, носителка на листата со кандидати за пратеници во шестата изборна единица од редовите на политичката партија Левица вчера во Тетово ги запозна жителите на градот со партиската програма насловена „Државата за народот“. 

Носителката заедно со дел од кандидите за пратеници и партиските активисти во центарот на Тетово ги запознаа граѓаните со изборната понуда на Левица делејќи програма и флаери. Таа, исто така, посочи дека во „Левица“ се убедени за станување парламентарна партија и од собраниска говорница вистински да се чуе гласот на народот.

Левица е најбрзорастечка партија во Македонија. Сакам да упатам порака до тетовчани дека не се сами, дека има партија која се грижи за народот. Можат да го дадат својот глас за Левица затоа што единствена работничка партија која најповеќе се грижи за работникот, работничките права пред се. Порачуваме да се гласа на 15 јули затоа што е битно да се искористи правото на глас  и да се стави крај на ова 30 – годишно лудило – изјави Сенада Ибраимова.

Предвремените парламентарни избори во Македонија ќе ги следат над 2.000 домашни и странски набљудувачи.