За разлика од спикерот Џафери и неговиот говор на Илинден, премиерот Заев, го прекрши Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување. Тој не смееше да го искористи 2ри август и Пелинце како говорница за јавна пропаганда за референдумот оти тоа го предвидува членот 12 од законот. Во него, во став 1, се вели дека „овластениот предлагач може да води јавна пропаганда, ама на свој трошок“. Во конкретниот случај Заев во Пелинце настапи како кампањата да е започната, а тој не е овластен предлагач на референдумот – туку Собранието. Со други зборови, ова е уште едно кршење на Законот оти настанот е финансиран од народните пари во буџетот, а беше злоупотребен за јавна пропаганда од неовластено лице.
Ако предлагачот, Собранието има обврска да ја финансира јавната пропаганда, како што стои во членот 12, тогаш чист е настапот на собранискиот спикер Џафери, истиот ден на 2ри август пред споменикот на Ченто во Скопје. Но само во делот на говорот. Другиот дел: парите платени за организирање остануваат дискутабилни, оти пак законодавниот дом не е составен само од владејачката гарнитура пратеници, туку и опозициските.
За разлика од нив, од државните функционери, членот 12 го испочитува само шефот на државата Ѓорѓе Иванов. Во неговиот говор немаше директно пропагирање на линиите „за“ или „против“ референдумот.
Во меѓувреме, дилемата околу излезноста односно референдумскиот цензус се продлабочува. Инсистирањето на неспоивите прашања во едно: првото за приклучување кон ЕУ и НАТО, второто за преспанскиот договор, ги збунува и револтира граѓаните кои сакаат евроатланска иднина, а се против договорот – како наметнато решение. Збунетоста е дотолку повеќе што власта нема постојани ставови ниту за цензусот а уште помалку за карактерот на референдумот. Заев прво велеше дека референдумот ќе биде задолжителен, па потоа се двоумеше нагласувајќи дека заедно со опозицијата ќе одлучеле за неговиот карактер. На крајот самиот пресече референдумот да биде консултативен дефинирајќи го прашањето.
Искра Коровешовска