По повод 9-ти Јули – Меѓународниот ден за уништување на огненото оружје, денеска во погоните на Еуроникел индустри во Кавадарци, беа уништени оружје и наркотични дроги одземени по основ на правосилни судски одлуки, донесени по завршени кривични постапки, како и врз основ на решениja за нивно ништење , донесени од соодветните судови во државата.
Уништувањето на дрогата и оружјето беше реализирано со соработка меѓу Министерството за внатрешни работи, Државната комисија за уништување на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори и Агенцијата за управување со недвижен имот. Согласно претходно утврдени законски процедури, огненото оружје и наркотичните дроги претходно беа преземени од магацините на судовите и складирани во магацините на МВР, согласно Планот за преземање на мерки и активности за преземање, транспорт и складирање на огненото оружје и наркотички дроги.
–Станува збор за уништени повеќе од 600 парчиња оружје , од кои најголемиот дел се пиштоли -358, ловечки пушки – 142, автоматски пушки -32, воздушни пушки – 54, еден ракетен фрлач и друго. Во поглед на уништени количини на дрога, станува збор за повеќе од 400 килограми наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, и тоа марихуана, хашиш, кокаин, хероин, амфетамини и друго. Сакам да се заблагодарам на раководството на Еуроникел индустри што изрази подготвеност и добра волја и без никаков надомест ни беше понудено заеднички да ја реализираме целата оваа активност – изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Министерот исто така потенцираше дека министерството за внатрешни работи продолжува со континуирани акции за запленување на нелегалното оружје и дрога. Во борбата со нелегалното оружје во 2018 година има зголемување на откривачката дејност во однос на 2017 година.
– Во 2018 година беа откриени 187 дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје“, за што кривично се пријавени 205 сторители. „Што се однесува пак до „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ и „овозможување на употреба на наркотични дроги“, во 2018 година имаме 789 кривични дела, за што се пријавени 905 сторители и во овој сегмент имаме зголемување на откривачката дејност за 43 отсто. Во рамки на овие кривични дела запленети се над 1,5 тони дрога – рече министерот Спасовски.