Македонија 20. ноември 2018. / 12:22

Унгарците веќе одлучиле за азилот на Груевски, а Македонија уште не пратила барање за екстрадиција

Унгарците веќе одлучиле за азилот на Груевски, а Македонија уште не пратила барање за екстрадиција

Канцеларијата за имиграции и азил донела одлука за барањето на Никола Груевски за политички азил во Унгарија, објавуваат претпладнево унгарските медиуми, а Македонија сеуште не ја испратила документацијата за екстрадиција на поранешниот премиер.

Повеќето медиуми ја пренесуваат веста на „Хунгариан Тајмс“, кој повикувајќи се на владини извори и на извори во Канцеларијата за имиграции и азил, извести дека одлуката за барањето на Груевски е донесена по скратена постапка. Не се прецизира дали барањето е прифатено или одбиено.

Од друга страна министерката за правда Рената Дескоска соопшти дека барањето за екстрадиција на Груевски со пропратната документација треба да бидат испратени во Унгарија денеска или најдоцна утре.

Поради одолговлекувањето на документацијата за екстрадиција на поранешниот премиер јавноста се сомнева дека бегството било договорено.

Инаку покрај документација за предметот „Тенк“ во кој Груевски е осуден на двегодишна затворска казна, на унгарските власти ќе бидат доставени документи и за сите обвиненија и истражни постапки што се водат против него.

Дескоска сепак се надева дека има правен основ за екстрадиција на Груевски и очекува тој да биде екстрадиран.

Според неа, нема причина Унгарија да му додели статус на азил и очекува неговото барање да биде одбиено.

Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан пред неколку дена соопшти дека поранешниот македонски премиер изразил желба да аплицира за азил во унгарска амбасада надвор од Македонија. Намерата да поднесе барање за азил во Унгарија, експремиерот Никола Груевски ја изјавил во унгарска амбасада надвор од Македонија.