240 уметници, во отворено писмо до премиерот Заев , бараат со владините реформи и промената на директори, да не биде опфатен Младинскиот културен центар. Тие сметаат дека актуелниот в.д. директор Русе Арсов, треба да биде назначен за директор на МКЦ, а не по партиски клуч да се именува музичарот Арбен Шакири , на оваа функција, зашто според нив , тој нема искуство во водење на ваква установа, која ги опслужува потребите на независната сцена, пишува Телма.
Отвореното писмо до премиерот Заев, не е негативна кампања против музичарот Бени Шакири, за кој во јавноста се шпекулира дека ќе го замени Русе Арсов како директор на МКЦ, но не треба да се расипува нешто што добро функционира и да продолжи водењето лоша културна политика, велат писателката Румена Бужаровска и музичарот и ди-џеј, Мирко Попов, кои се меѓу потписниците на писмото.
Г-нот Шакири успеал да опстане со децении на таа сцена и да биде професионален музичар и за тоа имам огромно почитување. И се познавам со него и лично и го почитувам лично како човек. Но, мислам дека алтернативната култура , т.е. независната сцена која успеа да опстои долги години и да го одржи континуитетот во таа институција, е нешто што е надвор од неговите познавања, неговите супер моќи не достигнуваат до таму – рече музичарот и ди-џеј, Мирко Попов.
Од Владата кусо одговараат дека не се надлежни за МКЦ зашто установата е под Град Скопје.
Македонската култура веќе подолго време е во прилично лоша состојба, што се однесува до начинот на кој што се води културната политика во Македонија. И ние сме загрижени дека тоа повторно ќе се случи со МКЦ. И затоа ја покренавме оваа иницијатива. Сметаме дека не треба да бидат запоставени луѓето кои што навистина се занимаваат со македонската култура” – додава писателката Румена Бужаровска.
А, од Град Скопје не сакаа да дадат изјава во камера. Само кусо одговорија дека сеуште не е направен избор на директор за МКЦ.
Запознаени сме со содржината на писмото, но како што знаете, МКЦ е во надлежност на Град Скопје, а Владата нема ингеренции за поставување директор на оваа институција.
Новите директори ќе се назначуваат, а старите ќе се разрешуваат во периодот што следува , во корелација со изгласувањето на новиот владин состав, дополнуваат од Владата.