Македонија 28. декември 2020. / 16:04

Умерено е зголемена активноста на руската воена авијација, соопштува НАТО

Умерено е зголемена активноста на руската воена авијација, соопштува НАТО

НАТО денеска соопшти дека руската воена активност во воздушниот простор на Алијансата годинава умерено се зголемила.

Авионите на НАТО ширум Европа полетале повеќе од 400 пати за да следат непознати авиони, а како што е прецизирано, скоро 90 проценти или околу 350 од тие мисии се поврзани со летови на руски воени авиони.

– Тоа е умерено зголемување во споредба со 2019 година. Руските воени авиони често не го пренесуваат кодот кај транспондерите што ја означува нивната позиција и надморска височина, не поднесуваат план за лет или не комуницираат со контролата на летот, со што претставуваат потенцијален ризик за цивилното воздухопловство, се вели во соопштението.

НАТО има два воздушни оперативни центри кои ги следат сите движења во Европа – еден во Германија, кој ја опфаќа северна Европа и во Шпанија, кој ја опфаќа јужна Европа.