Македонија 29. декември 2019. / 18:15

Украсена подводна новогодишна елка на дното на Охридското Езеро посветена на лицата со ретки болести

Украсена подводна новогодишна елка на дното на Охридското Езеро посветена на лицата со ретки болести

Нуркачите на Нуркачкиот центар „Амфора“ и Клубот за подводни активности „Охрид“ годинава по 17. пат ја поставија и украсија подводната новогодишна елка на дното на Охридското Eзеро кај Заливот на коските – Градиште.

На еден редок и уникатен начин тие своите новогодишни честитки ги упатуваат до децата со ретки болести на кои им ја посветуваат оваа ретка подводна новогодишна елка, соопштија од центарот „Амфора“.

– Со желби за добро здравје, навремена дијагноза и достапност на лековите кои значат живот за децата со ретки болести по трет пат годинива им ја посветуваме оваа елка токму нив, бидејќи во нивниот живот полн со предизвици им е најпотребна нашата поддршка. Настанот на китење на подводната елка како една своевидна атракција има големо значење за промоцијата на Охрид и претставува уште една причина да се посети Музејот на вода – изјави претседателот на „Амфора“, Јован Секулоски.

Лолеска Гордана, грагански активист и член на здружението на граѓани со ретки болести „Живот со предизвици“ им порача на институциите да имаат повеќе слух за пациентите со ретки болести и Владата да го усвои нацрт-документот за Национална страегија за ретки болести со која ке се унапредат политиките за грижа на овој тип на пациенти, се наведува во соопштението.