Рестораните и угостителските објекти од денеска ќе работат до 21 часот, со што престанува да важи одлуката што беше во сила во изминатиот месец за работа до 18 часот, по препорака на Комисијата за заразни болести за да се спречи групирање во празничкиот период и ширење на вирусот Ковид-19.
Следната недела ќе се разгледа можноста за продолжување на работното време на угостителските објекти по 21 часот, но, како што рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, секоја мерка што се носи мора да оди парарелно со примарната цел, а тоа е здравјето на граѓаните.
Независната угостителска комора, пак, чека покана за средба со Владата на која и дава рок до 25 јануари да ги усвои нивните барања за креирање посебни мерки за директна помош и поддршка на угостителската индустрија.
Откако Владата вчера објави дека ја донела со првата мерка од петтиот антикризен пакет од НУК соопштија дека им подарила на „локомотивите” – членки на Стопанската комора на Македонија 162,4 милиони евра, а на угостителите и натаму неосновано и неоправдано со времена одлука им го цепка и ограничува работното време и правото на работа.
Сите индустрии добија поддршка и помош од постојните сет економски мерки, само за угостителската континуирано се носат препораки и протоколи со ограничувања за работно време, смета НУК и нагласува дека неискористени средства од четвртиотиот сет мерки за субвеција на плати има повеќе од 15-тина милиони евра кои може веднаш да се наменат за јануарска и февруарска субвенција за плати во угостителската индустрија.
Според претседателот на НУК, Здравко Јосифовски, Владата е во целост одговорна за опстанокот на угостителската индустрија до завршувањето на корона кризата. Угостителите немаат време за чекање и за да ги сочуваат сите работни места на Владата и даваат рок до 25 јануари да донесе итна одлука за продолжување на мерката субвенција на бруто плати од почетокот на месецов со траење додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки, односно протоколите за работа на угостителски објекти или до завршување на пандемијата, како и да ги реализира нивните останати барања.
Во однос на барањето на угостителите за средба до 25 јануари, Битиќи рече дека тоа би требало да се реализира доколку дозволат условите со Ковид ситуацијата, но дека има и други механизми како што е онлајн комуникацијата.