Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, по средбата со премиерот Зоран Заев, се заблагодари за поддршката и напорите на Македонија за сузбивање на миграцијата на бегалци кон Европа, а сега, рече, треба да се посветиме на иднината на вашата земја.
Тој рече дека гледа напредок и политичка волја за спроведување на реформите неопходни за членство во ЕУ.
„Вие застанавте до нас, и ние ќе застанеме до вас“, рече Туск, што се однесуваше на солидарноста на Македонија со Европа, во геостратешките предизвици, односно инцидентот во Солзбери, каде беше отруен двојниот шпион Сергеј Скрил и неговата ќерка.
Туск се осврна и на економскиот развој, на кој рече треба да се работи, а Европа да помогне затоа што 80 отсто од македонскиот извоз оди на европскиот пазар.
„ЕУ ќе ви помогне во реализација на реформите. Ги имате сите средства за остварување на целта – консензус на политичката класа за членство во ЕУ како и наклонетрост на вашиот народ“, рече Туск.
„Со Бугарија докажавте дека ако постои волја за надминување на духовите од минатото, има надеж и за иднината. Се надевам дека истото ќе го направите и со Грција“, рече Туск.