Три часа поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Димовски не им отворал врата на полицијата која утрово со налог го приведени. Како што пишува порталот СДК.МК повикувајќи се на очевидци, Димовски не им ја отворал вратата, а кога полицијата известила дека присилно ќе ја отвори вратата, Димовски кажал дека сам ќе ја отвори, пишува ТВ21.
Обвинителството за организиран криминал и одделот за организиран криминал во МВР, по наредба на судија на претходна постапка утринава ги уапсија поранешните министри за земјоделие Михаил Цветков и Александар Спасеноски и Љупчо Димовски., но и заменикот министер Христијан Делев.
Димовски кој неодамна доби амнестија за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година е пратеник, но судија на претходна постапка издал наредба и за негово приведување.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Лицата се осомничени дека во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп.Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра).
Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за четворицата осомничени, соопштуваат од Јавното обвинителство, и притоа не обеледенуваат за кои министри станува збор.