Македонија 31. март 2020. / 13:16

„Транспортер“: За поранешниот битолски градоначалник 8 години затвор

„Транспортер“: За поранешниот битолски градоначалник 8 години затвор

Екс-градоначалникот на Битола, Владимир Талески, е осуден на казна затвор во траење од 8 години за злоупотреба на службената положба и овластување за случајот „Транспортер”. Дел од останатите обвинети добија затворски казни во траење од 2,6 до 6,6 години, а дел условни казни. На обвинетите им се судеше за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра.

При изрекувањето на пресудата судијката Добрила Кацарска рече дека судот ги земал предвид доказите и на обвинителството и на одбраната, но и отежителните и олеснителните околности.

Според Кацарска отежителни околности се видот, карактерот и тежината на кривичното дело и степенот на прибавената имотна корист која оди директно кај нив, а олеснителни околности, дека се неосудувани, дека не се водат други постапки, како и нивната возраст и семејната состојба.

-Градоначалникот треба домаќински да се грижи за парите на општината. За правните лица постои застареност од кривично гонење, одбраната посочи дека нема умисла, но судот смета дека тие биле свесни и го сакале извршувањето, свесни дека ќе настапат штетни последици, но сепак го спроведуваат тоа. Кај дел од обвинетите, станува збор за евентуална умисла, при што треба да се следи фактот дека се тие директори и професори, но не може да се каже дека тие не ја знаеле постапка. Тие иако не ги добиле сите документи, доброволно ги потпишувале договорите, рече меѓу другото Кацарска.

Осудените имаат право на жалба во рок од 15 дена по добивањето на пресудата.