Македонија 21. август 2020. / 12:42

Трајко Вељаноски: Талат Џафери денес постапува исто како што постапував јас во 2017 година

Трајко Вељаноски: Талат Џафери денес постапува исто како што постапував јас во 2017 година

Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски денеска пред судот изведуваше докази што им претходеа на настаните од „27 април“.

Тој објасни дека работел согласно Деловникот и оти еден на 29.12.2016 година, еден ден пред конститутивната седница ги свикал претставниците на партиите да го договорат дневниот ред. На него биле присутни Илија Димовски, Талат Џафери, Оливер Спасовски, Африм Гаши и Весел Мемеди.

Вељаноски истакна дека Спасовски барал конститутивната седница да ја води најстариот пратеник наместо актуелниот претседавач иако му било укажано дека тоа е можно само ако седницата се одржува на 21-от ден од изборите.

На него било договорено најнапред да се избере верификациона комисија, потоа верификациона комисија и избор на комисија за избор на комисија за избори и именувања доколку има предлог.

-Но, таков предлог немаше и јас ја прекинав седницата сè додека не се создадат услови за продолжување, рече денеска Вељаноски.

Тој нагласи дека Талат Џафери во 2020 година постапува исто како тој што постапувал во 2017 година и оти на тоа сите се сведоци.

Денеска Судот не го прифати барањето на одбраната да не се прифати вештачењето на мобилните телефони на дел од обвинетите. Судот смета дека тоа не е потребно и дека тие што се споменати во разговорите во секој момент можат да дојдат во судот и да ја потврдат автентичноста.

Судот единствено прифати на некои од следните рочишта да биде повикан Маријан Стоилковски, началник на одделението за дигитална форензика во МВР.

Одбраната на обвинетите претходно побара да не се прифати извештајот за вештачењето на мобилните телефони на Трајко Вељановски и Крсто Мукоски, бидејќи вештаците не се запишани во регистарот на вештаци, ниту пак имале лиценца.

-Ниту вештаците имале право, ниту пак МВР како институција имала право да ги вештачи телефоните на обвинетите, нагласи адвокатот Еленко Миланов.