Македонија 05. јули 2019. / 13:51

Трагедијата на Тамара – трагедија на режимската уметност!

Трагедијата на Тамара – трагедија на режимската уметност!

Секој режим кој владеел со Македонија во последните скоро 30 години, си има свои уметници и своја ефтина идеолошка уметност. Ова само потврдува дека во културата оваа земја никогаш нема излезено од тоталитарната спирала на комунизмот.

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ

Токму затоа, вистинска реткост е во земјава да видиме дека некој создал добра музика, напишал добра книга или директорувал со добар филм.

Едноставно, нашите уметници своите кариери ги имаат претворено во предаторски стремеж за закачување на државната цицка која нуди добри пари, стабилност и почитување од власта и квази-елитите.

Кога уметникот станува сервилен на политиката, тој престанува да биде уметник и се претвора во пропагандно парче месо. Кога еден уметник ќе одлучи да твори за системот, а не за она во што верува и/или што е барано од пазарот – тој секогаш завршува омразен и исплукан од пошироките маси, нешто слично како Тамара Тодевска деновиве.

Многумина по медиумите и социјалните мрежи побараа Тамара кривично да одговара, затоа што испушти важна строфа од државната химна, која ја интонираше во амбасадата на САД, по повод 4-јули, денот на независноста.

Помеѓу многуте кои повикаа на кривична одговорност беше и госпоѓата Гордана Силјановска, а можеа да се забележат и многу други професори, адвокати и интелектуалци кои цитирајќи закони и устав побараа затвор за Тамара!

Со ова барање и толкување, јас не можам да се согласам. Прво, самото барање на кривична одговорност за „вербален деликт“ е страшно за една демократија. Второ, очигледно е дека Тамара не се „исмева“ со химната, и трето – макар и да се исмева, има еден поим кој се нарекува „Слобода на изразување“ и истиот за мене, како човек кој верува во слобода, е светост!

Тамара Тодевска не треба кривично да одговара, затоа што глупавоста и сервилноста не се кривични дела. Штетно е кога јавноста почнува да прифаќа и масовно да промовира ваков етатизам и тому затоа, сметам дека водата треба да ја однесеме во еден сосем друг правец.

Имено, било кој друг артист да ја направеше грешката на Тамара, реакциите немаше да бидат вака жестоки и сите ќе поверувавме на извинувањето, од дното на душата, дека се работи за ненамерна грешка. Веројатно, било кој да беше на нејзино место, јавноста немаше вака да се сензибилизира. Што мислите, зошто е тоа така?

Одговорот е едноставен, Тамара сите ја препознаваат како „режимски уметник“. Никогаш не творела нешто квалитетно, но, беше еден од изведувачите кои беа директно платени од владата да пеат за добивање на датум за преговори со ЕУ (датум кој никогаш не е добиен) и сфесно учествуваше во манипулација на масите. Понатаму, учествуваше на „Евровизија“, со идеолошки застранета песна која промовира идеологија која е рецидив од 20 век и шири штетни вредности за современиот човек сакајќи да создаде тензии на родова основа во доба во која родовата еднаквост е системски прифатена.

Тамара на „Евровизија“ отиде и со намера да ја промовира „Северна“, термин кој не го испушти од уста – за потоа да дојде овде и да каже дека подобро е државата неа да и даде 200.000 евра, наместо да купи амбулантно возила.

На крај, Тамара облечена како прашко, пееше на ЛГБТ парадата во Скопје. Да, истата таа Тамара која претходно на плоштад на Груевски му пееше со знаме од „Кутлеш“, сега стана прогресивец.

Верувам дека грешката која ја направила во амбасадата е ненамерна и нема врска со пробен балон за менување на химната од која би биле исфрлени дејците на МРО, но, поради горе-наведените факти, никој не верува во она во што јас верувам.

Одбивањето на јавноста да прифати дека се работи за ненамерна грешка, не е склоност кон теорија на заговор – туку е природна реакција на секоја режимски уметност.

Режимскиот уметник, нема никаква релевантност и неговото тврдење не се прифаќа дури и кога е точно, а луѓе кои важат за рационални, за него ирационално бараат затвор.

Колку и да делува штракнато, ова кое го пишувам е длабоко во психологијата на човекот, кој на опресија секогаш одговара со ирационалност.

Наместо да бараме затвор, треба да го следиме примерот на „Радио Кавадарци“ и да ја бојкотираме Тамара. Да, одлуката на ова радио никогаш повеќе да не емитува песни од неа е доказ дека кога не е впрегнат во „режимска уметност“ и еден емитер на фолк-музика може да покаже што е општествена одговорност.

Кариерата на Тамара како сериозен артист овде трагично завршува. Нејзината трагедија е трагедија на режимската уметност, следен предизвик на кој треба да се фокусираме е изнаоѓање на метод како никогаш повеќе да немаме режимски артисти.

Тоа е сериозен предизвик кој како полнолетна демократија мора да го надминеме!