Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека резултатите од испитувањата на двете лица кои беа тестирани вчера за корона вирус се негативни, а од утрово е тестирана уште една жена за која се чекаат резултати.
– Резултите за двајцата пациенти од вчера се негативни. Негативен е резултатот и кај возачот кој го упраувал комбето со кое се превезувала пацинетката кај која е утврден корона вирусот. Тој, пак, и понатаму ќе остане во домашна изолација, се до 14. ден кога завршува инкубацијата, а потоа лекарите ќе одлучат дали повторно ќе се тестира. Негативен е тестот и кај лицето кое се јавило преку виничкиот Здравствен дом и се тестирал на штипското инфективно одделение, а кој избега вчера и замина дома – информира Филипче.
Жената која денеска се јавила со симптоми била во регионот на Северна Италија и пристигнала во земјава на 26. овој месец без симптоми. Пристигнала со индивидуален превоз со уште еден член од семејството. Утрово со симптоми се пријавила на Инфективната клиника, изолирана е согласно процедурите и во текот на денот се чекаат резултатите.
Информациите со кои располагаат во конзултатот во Италија е дека нема македонски граѓани кои живеат во северниот регион заболени со корона вирусот и дека некој е во карантин, но не се знае и точната бројка на оние што доаѓаат од овој регион во земјава.
– Утрово разговарав со конзулот во Северна Италија. Немаме податоци дека имаме заболени наши во Северна Италија или наши во карантин. Конзулот ме информираше дека треба сите што планираат да патуваат од тој регион да го контактираат и тој да најави во земјава. Тука дојдоа неколку комбиња и автобуси, но не може да бидеме сигурни дека сите се најавуаат. Има одредена бројка кои се најавени, но има и некои кои не се најавуваат, но процедурите важат за сите – истакна Филипче.
Министерот упати апел до сите да ги почитуваат советите. Доколку немале симптоми, а потоа развиле да се јават на некои од броевите во центрите за јавно здравје за да не шетаат во здравствени установи, а во инфективните одделенија имаат одреден проткол како се пречекуваат.
Во однос на оние за кои е одредена изолација упати апел да не креваат паника, бидејќи тоа е за нивно добро, за доброто на ивните членови на семејството, за сите луѓе во непосрдна близина, затоа што така се чува здравјето на сите.
За препораката за откажување на јавни собири, рече дека апелот важи за сите, особено за оние каде се собираат голем број граѓани и каде има или се очекуваат можни присутни гости од странство.