Македонија 22. јануари 2020. / 18:56

Тажна реалност: За студентите месечно по една банана, канче кисело млеко, килограм месо

Тажна реалност: За студентите месечно по една банана, канче кисело млеко, килограм месо

По една банана месечно и по 1, 5  килограми месо месечно во просек добива студент сместен во скопските студентски домови.  Ова беа  дел од податоците кои беа презентирани во двете истражувањата на Младинскиот образовен форум за студентскиот стандард, „Анализа на јавни набавки во студентските домови“ и „Крпен студентски живот“.

Во просек дневно се издвојуваат 61 денари по лице, а скопските студентските домови располагаат со буџет од 3,5 милиони евра.

На скалата од 1 (многу лош) до 5 (одличен),  квалитетот на живот во студентските домови, студентите го оцениле со просечна оценка од 2,93. Просечната оцена за животот во „Стив Наумов“ е 2,51, Во „Гоце Делчев“ – 3,79, а во „Кузман Јосифовски Питу“ е 2,5.

Студентите не се чувствуваат безбедно во студентските домови. Дека е тоа така покажуваат нивните одговори според кои најниски оценки дале за тоа дека не се одржуваат редовни вежби за однесување во случај на пожар, земјотрес, поплава и други несреќи (оценка 1,59). Со слаба оценка (1,83) ја оцениле и достапноста на медицинска заштита  иуслуги, потоа, достапноста на стабилен интернет (1,69), како и достапност до компјутери, читалници, библиотеки (1,87).

Вкупно 40,33 отсто од студентите со единица ја оцениле храната што им се нуди (количината на оброци, разновидноста), а високи 42 отсто од нив со оценка 1 ја оцениле и достапноста на стабилен и редовен Интернет. Речиси половина од испитаниците, со единица ги оцениле и тоалетите.

– Мнозинството студенти (91 отсто) никогаш не биле вклучени во процесот на носење одлуки во студентските домови во кои престојуваат, за прашања кои ги засегаат како студенти станари. Седумдесет и шест отсто од нив, не знаат каде би можеле да се обратат ако имаат идеја за некоја студентска активност која би сакале да се случи во рамки на студентскиот дом. Вкупно 93 отсто од студентите не знаат како се трошат парите наменети за функционирањето на домот – информира Мартина Илиевска од Младинскиот образовен форум.

Во однос на трошењето на парите, согласно перцепцијата на студентите, имало и коментари од типот: „Во џебот на директорот одат парите“, „За кафана“, „За лични потреби на овластените лица во домот“.

Во последниве години се намалува престојот на студенти во студентските домови според нивните анализи, како што наведоа дел поради иселувањето на младите од земјава, а дел поради лошите услови кои ги нудат. Тие додадоа дека собите и бањите се во лоша состојба, често недостасува топла вода, а и условите за учење се незадоволителни.

Денеска во собраниска процедура влезе и  предлог-законот, кој вчера го усвои владата и со кој планира дневно да субвенционира по 120 денари за оброк на студентите. Со законот се предвидува студентите во работните денови од понеделник до петок да можат да ги користаат субвенциите во угостителските објекти кои ќе склучат договор со Министерството за образование.

Правото на субвенции студентите ќе можат да го користат од 8 до 20 часот, а тоа ќе се извршува преку дигитални картички или мобилна апликација.