Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари денеска на прес конференција, по повод Меморијалниот марш посветен на двегодишнината од трагедијата кај селото Ласкарци, посочи дека не се заборавени граѓаните кои го изгубија животот во оваа сообраќајна незгода.
На новинарско прашање околу тоа дали имаат информации за судскиот процес за овој случај, Таравари истакна дека во хибридни режими никогаш нема разврска за вакви случаи.
-Во хибридни режими никогаш нема разврска за судски случаи. Во хибридни режими има разврска за судски случаи каде што се украдени 10 кебапчиња или на пазар, или пак е даден поткуп 1000-3000 денари. Таму има судска разрешница веднаш, но за вакви случаи, посебно каде што има сомнеж дека сопственици на компании се дел од партиите кои се на власт, нема да има разрешница додека не се смени власта, вели Таравари.
Тој додава дека откако ќе се смени власта сигурно ќе има разрешница на овој случај.
На 13 февруари 2019 година околу 17 часот, автобус на компанијата „Дурмо Турс“ кој превезувал патници од Скопје кон Гостивар, кај селото Ласакраци излета од коловозот.
Во несреќата животите ги загубија 16 патници, а триесетина се здобија со повреди. Судењето за овој случај уште трае.