Македонија 21. февруари 2019. / 10:15

Таравари: Власта го киднапираше Гостивар

Таравари: Власта го киднапираше Гостивар

Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, го откачи вчера премиерот Зоран Заев со кого заедно спасуваа жива глава на 27 април во Собранието. Тој одби да присуствува на закажаната средба на која требаше да разговараат за консензуален кандидат за претседател, иако еден ден претходно го најави состанокот нагласувајќи дека партиското собрание ќе ја разгледа понудата на премиерот. Прашање е, сепак, каков епилог ќе имаше нивната средба по тоналитетот на последните пораки на Села во кои тој изрази стравување дека се случува истиот феномен со, како што рече, режимот меѓу СДСМ и ДУИ и претходниот режим меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„ДУИ му овозможи на Ѓорѓе Иванов да стане шеф на државата, а потоа тој ги занемари интересите на Албанците. ВМРО-ДПМНЕ ја имаше централната и локална власт, претседателот, судот – а истото се случува сега со овој режим на СДСМ – ДУИ, на кој само претседателот му недостасува. Целата оваа акумулација на власт нема да биде за доброто на народот“, рече Села во очи на предвидената средба.

Нетрпеливоста меѓу бившите партнери – Алијансата за Албанците, која беше една од првите што ги даде потписите на Заев за формирање влада, и СДСМ очигледно расте. Но виновникот е „трето лице“ – ДУИ. Капак на сè, како што велат од Алијансата била одлуката на Министерството за образование кое вторпат за краток период ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, да именува и разрешува директори на училиштата. За Алијансата за Албанците ваквата одлука е политичка, а не законска.

-Оваа одлука дојде од централната власт, т.е. од партиите ДУИ и СДСМ, иако верувам дека вторава нема голема улога во неа. Од страна на нашата општина нема никаква повреда која води кон ваква флагрантна одлука- обвини Таравари.

И премиерот Заев потврди дека Села ја откажал средбата, но остави простор за натамошна комуникација. Го разбира револтот, но законите мора да се спроведуваат.

-Се слушнав со господинот Зијадин Села. Во знак на револт поради одземени надлежности во образованието на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, од страна на МОН тој ја откажа средбата. Јас работам и со самото Министерство, законите мора да се спроведат, да ги гледаме позитивните основи на самите закони“, изјави Заев. Тој вели дека како поранешен градоначалник е свесен што значи одземањето на надлежностите на која било општина без оглед дали е тоа Струга, Куманово, Гостивар и најави дека ќе се бара решение на заедничка средба со градоначалникот на Гостивар и министерот за образование.

И лани во февруари Владата му ги одзеде ингеренциите на Таравари во образованието. Му беа вратени за девет месеци по што општината веднаш започна да разрешува директори поставени од Министерството за образование и да назначува свои луѓе на овие функции. Видно изреволтиран, вчера во изјава за „Независен весник“ Таравари рече дека без оглед на „невиноста“ на социјалдемократите, во конкретниот случај нема веќе потреба од средби со Заев.

„Дојди на средба со премиерот, притоа дејствувај конструктивно во однос на евроатлантските политики и клучните државни правци и, во моментот, сè изгледа в ред. Излези од средбата и, оп, намален буџетот на Општината. За одобрување на програмата за вработување и да не говорам. Сега повторно ни се одземаат надлежностите во областа на образованието. Се говори за ‘општество за сите’, ама очигледно без Гостивар. Нека стокмат посебен закон директно од Владата кој ќе се однесува само на овој град и така нека ја решат работата- вели Таравари.

Освен политичките задачи неврологот, Таравари сè уште професионално ги извршува и докторските обврски. Пред да замине на операција, тој вчера ни достави документација од Државниот инспекторат за образование, на која се гледа дека по увидот во основните училишта било утврдено дека конкурсите за избор на директори во времето на добивање на надлежностите од Општина Гостивар не се објавени врз основа на законот, односно се објавени во два наместо во три дневни весници. „Затоа решението не може да се изврши…“, е еден од заклучоците на Инспекторатот. Поради тие причини, градоначалникот донел решение со кое се прогласуваат за ништовни решенијата за избор на директори, на ист начин како што постапил и министерот кој сега, како што вели, донесува одлука за одземање на ингеренциите.

-Целта е јасна. На раководните места да се постават луѓе на ДУИ, поточно лица блиски на ексградоночалникот Невзат Бејта. Останува уште јас да им го дадам мандатот иако победив на изборите. Од вкупно 12 директори на основни и средни училишта назначени уште пред шест години, не променив тројца поради нивниот успех во работата. Останатите што ги назначив не се обележани со никаква партиска боја. Во образовните институции во Гостивар има отприлика 150 вработени со договор на дело од претходната градска власт. Верувајте, ниту еден од нив не добил прекин на работниот однос, освен ако на таков чекор самиот не се одлучил- тврди Таравари.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми, пак, вели дека одземањето на надлежности не е реваншизам и не е политички мотивирано.

-Сме се соочиле со низа нерегуларности во насока на разрешување и именување на директори во основни и средни општински училишта. И како Министерство сме биле принудени да реагираме бидејќи такво задолжение имаме од законот. Разрешени се речиси сите директори на основни и средни училишта без постапка, именувани се директори во сите училишта каде што имало разрешување без постапка и огромен дел од тие директори што биле именувани на такви позиции не ги исполнувале условите пропишани со закон да бидат именувани како директори-изјави Адеми по посетата на Основното училиште „Братство“ во Општина Карпош.

Министерот рече дека се соочиле и со ситуации каде што еден директор за многу краток период бил разрешен двапати.

„Исто така, одредени директори беа разрешени дури во два наврати од страна на градоначалникот и тоа првиот пат без да се почитуваат постапките и, по забелешките на Државниот просветен инспекторатот, Таравари ги врати на должност за истите да ги разреши по шест дена, без почитување на постапката“, изјави Адеми. Таква мерка, како што рече, никој не би посакал да преземе освен во ситуации кога е принуден.

-И пред една година, кога првпат му беа одземени надлежностите, имаше исти вакви обвинувања без основа, па во времето кога беа вратени тие надлежности тој призна и рече дека направил грешка-рече Адеми.

Таравари ги негира ваквите обвинувања и смета дека не случајно е избран токму овој периодот за преземање на ваква радикалната мерка – непосредно пред претседателските избори, кога треба да се разговара за консензуален кандидат.

Неговата партија ја напушти Владата на крајот на 2017 година. Села тогаш најави дека ќе ги поддржат законите и реформските процеси, но не и именувањата на кадрите на ДУИ и СДСМ во Владата. На заминувањето на Алијанса за Албанците од Владата му претходеше недоразбирањето меѓу оваа партија и СДСМ околу Министерството за здравство, сектор со кој до локалните избори околу три месеци раководеше токму Арбен Таравари, а по неговото кандидирање за градоначалник на Гостивар, СДСМ се премисли и за министер за здравство предложи свој кадар, Венко Филипче.