За доброто на граѓаните најдобро е изборите да се одржат на крајот на јули или на почетокот на април.
Со ваков став Алијансата за Албанците ќе оди на утрешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, истакна вечерва генералниот секретар на партијата и градоначалник на општина Гостивар, Арбен Таравари.
За Алијансата прифатлив датум за избори е крај на јули или почеток на август. Годинава ретко некој ќе оди надвор на одмор, дури и туристичките места ќе бидат лимитирани со бројки. Се надевам дека ќе најдеме заедничко решение, бидејќи предлогот на СДСМ е некоректен, зошто Европската унија после 15 јуни ги отвора границите. Тоа нема да биде коректно кон граѓаните кои работат во странство и нема да може да дојдат да гласаат – изјави Таравари во емисијата „Отворено студио“ на „ТВ24“.
Таравари посочува дека за Алијансата за Албанците не е проблем да се оди на избори и за 10 дена, но, поради корона вирусот, сметаат дека избори и кампања треба да има во периодот кога има највисоки температури, односно на крајот на јули или на почеток на август.
Ако се организира кампања, тоа значи отворање на ново жариште и нов бран кој ќе биде полош – изјави Таравари и како пример ја даде Франција, каде што, како што истакна, многумина се заразиле на изборите на почетокот на епидемијата, а повеќето од нив и починале.
Според Таравари, тестирањето кај пациентите за присуство на корона вирусот е мало и мисли дека е тоа намерно зашто, како што посочи, некако се брза да се оди на избори.
Таравараи смета дека џамиите треба да се отворат откако ќе се дадат одредени препораки и протоколи како да се однесуваат граѓаните, но потенцираше дека утре нема да оди во џамија.