Алијансата на Албанците нема да ја условува поддршката за уставните амандмани за Договорот со Грција, туку ќе се обидат да ги убедат пратениците да ги поддржат и нивните амандмани за албанските прашања. Ова вечерва го изјави Арбен Таравари од Алијансата на Албанците во вечерашното гостување на телевизија „Телма”.
-Имаме убава прилика да затвориме одредени прашања и да продолжиме со европската агенда. Ние би интервенирале со нашите амандмани што би се однесувале на две работи. Првата е во преамбулата, како што беше во Охридскиот рамковен договор, ништо повеќе и за употребата на албанскиот јазик да не биде поинаков од македонскиот јазик кој е 20 отсто, туку да стои македонски и албански јазик. Повторно во духот на Охридскиот договор и Декларацијата потпишана пред една година од политичките партии – рече Таравари.
Тој додаде дека Алијансата никогаш не условувала, но дека ова е моментот кога мислат дека нивните пратеници можат да ги убедат своите колеги во Парламентот да се направат одредени промени.