Голем број патници коишто пристигнуваат на аеродромот во Скопје, дури и оние што патуваат од ризични земји, не добиваат никави препораки во однос на тоа дали треба да бидат во самоизолација, пренесува „А1он“, објавувајќи го искуството на Татјана Атанасовска Гроздановска, која вчера слетала од Париз.
Иако Франција се наоѓа на листата на високоризични држави, никој од осумдесетината патници кои пристигнале од Париз со истиот лет, не добиле наредба или, пак, препорака за самоизолација.
Завршивме пасошка контрола брзо, ни беше измерена температурата, имавме основна брошура во раце, а во авионот пополнивме лист со име, презиме, адреса и телефон. И ни кажаа доколку сме биле во Кина, Кореја, Италија или Иран последниве 14 дена и имаме симптоми да се пријавиме. Толку. Тоа беше сè. Ние слетавме од Париз. Парискиот регион „Ile-De-France“ имаше регистрирано околу 1.000 случаи со корона вирус. Од тоа што видов во авион, никој од нас слетаните не доби упатства за владини одлуки, уште помалку за домашна самоизолација и најважно – што воопшто тој термин значи… барем на еден лист, црно бело испечатени упатства да ни беа поделени – вели таа за „А1он“.