Македонија 16. ноември 2019. / 09:27

Судството гласно за платите, но со молк за нефикасноста и застарувањето на предметите

Судството гласно за платите, но со молк за нефикасноста и застарувањето на предметите

Протестот на судската администрација повторно ги отвори прашањата за функционирањето и ефикасноста на македонското судство. Нивните барања добија јавна поддршка од судиите, на кои министерката за правда Рената Дескоска им забележа дека, како што се ревносни во поддршката, така треба да реагираат и за застарените предмети и криминалот во своите редови.

– Жално е што не слушнавме став од сферата на судството за прашањата заради кои судството е со најниска доверба меѓу граѓаните. Очекувавме реакција и од судиите и од претседателите на судовите и од судската администрација за случаите за застарување на гонење во одредени судски постапки заради што криминалот останува неказнет. Очекуваме реакција и од судиите и од судската администрација за одредени сомневања за криминални дејства во нивните редови за кои не видовме кривично гонење и кривични постапки. На пример, видеоклипот што го виде целата јавност и се споделуваше на социјалните мрежи во кои се тргува со судски предмети од страна на вработен во судската администрација – изјави Дескоска.

Таа ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата да почне сериозна постапка за проверка на анкетните листови на судиите и на тој начин да се искористат постојните законски можности за ветинг во судството, но најави и сериозни разговори со Европската Унија за целосен ветинг на судството.

– Потребни се постапки со кои судството ќе се врати на листата на институции со доверба. За жал, гласот од редовите на судството го слушаме само тогаш кога станува збор за распределба на плати. Судството има најмалку легитимитет да зборува на оваа тема имајќи предвид што сè се направи со алоцирање средства во рамки на судството и имајќи ги предвид и резултатите од нивното работење – порача Дескоска.

Како што оцени министерката, гласноста во рамки на судството треба да се слушне за случаи како што е бегството на специјалецот Игор Спасов, а кои, според неа, ги поткопуваат темелите на судството и на целокупниот правен систем.

-Не може да слушаме гласност за тоа како тие ќе си ги делат парите внатре, туку самите треба да бидат свесни за сопствената одговорност. Дали станува збор за судија, кој го пуштил, не го пуштила Управата или кој било од Министерството надвор, го пушта судија во судска постапка – изјави Дескоска.

Поради застареност на делото поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија, во средата беше ослободен од кривичниот прогон за предметот „Траекторија“ во кој беше обвинет за „примање награда за противзаконито влијание“ при изградбата на автопатиштата Штип – Миладиновци и Кичево – Охрид. Судечкиот совет, по барање од адвокатот по службена должност, кој му беше одреден на Груевски, констатирал застареност на случајот поради истекот на шест години од стореното дело, а без правосилна пресуда.