Македонија 06. октомври 2018. / 21:46

Судот ќе одлучува за забрана на филм

Судот ќе одлучува за забрана на филм

АлсатМ дознава дека државниот правобранител пред неколку дена, на барање на Министерството за култура, побарал од Основниот суд Скопје 2 привремена забрана за емитување на филмот „Ругање со Христос“ на програмата на феситвалот „Киненова Скопје“. Во барањето се наведува дека содржината на филмот е навредлива, пред се на етничка основа, ќе поттикне верска омраза, поделби во општеството и може да наштети на соживотот во земјата.

Државен правобранител до Основен суд Скопје 2:

„Со оглед на содржината на објавениот трејлер и дополнителното разгледување на сценариото на овој филм, Министерството за култура тврди дека филмот има потценувачка содржина, пред се на национална основа, и ќе поттикне верска омраза, и поделба во Република Македонија. Филмот не го промовира соживот на заедниците во земјата, а јавното објавување може да поттикне и меѓуетничка омраза, што е спротивно на јавниот интерес на граѓаните. Одлуката за привремена забрана треба да важи 30 дена по завршувањето на филмскиот фестивал. “

Во барањето до судот, кој има рок од 8 дена да се произнесе, е нотирано дека при увидот во документацијата на Агенцијата за филм било откриено дека имало неправилности во објавувањето на конкурсот за финансирање на филмските проекти. Понатаму, како што дознава Алсат, се вели дека Агенцијата го прекршила Правилникот за евалуација на критериумите за финансирање на филмски проекти од национален карактер во филмската дејност, и принципот дека филмските продукции во рамките на овој проект треба да промовираат соживот меѓу етничките заедници. Како што неофицијално дознава „Алсат М”, Основниот суд Скопје 2 закажал расправа за случајот идниот вторник, а предметот и е предадена на судијката Сузана Дончевска. Државното правобранителство, исто така, го информирало и Јавното обвинителство.

Државен правобранител до Јавен обвинител, Љубомир Јовески:

„Министерството за култура поднесе барање до правобранителството за да се предложи привремена мерка за Здружението „Арт Синема” – забрана за јавно емитување на филмот „Ругање со Христос“ во режија на Јани Бојаџи и во продукција на Орион Продакшн заедно со примероци на Службениот весник и извештај од разгледувањето/ревизијата во Агенцијата за филм. Ви го доставуваме барањето со документите за ваше натамошно постапување”.

Во случај на потврдување на неправилностите во постапката одговорните може да се соочат со тужби, или враќање на средствата добиени за снимање на филмот кој содржи сцени во кои припадници на ОНА вршат насилства и силувања.