Судија на претходна постапка утврдил дека предлогот што го доставила одбраната на поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, со којшто нуди гаранција од еден милион евра за да излезе од притвор, не бил комплетиран.
Од Кривичниот суд за Независен весник велат дека побарале одбраната да го комплетира предлогот и откако ќе се комплетира веднаш ќе се достави до Специјалното јавно обвинителство кое треба да се произнесе за предлогот. Адвокатите на Мијалков се уште не се запознати со одлуката на судијата.
Од Специјалното јавно обвинителство потврдуваат дека предметот за Мијалков не е стигнат кај нив, а предлогот на одрбаната на бизнисменот Орце Камчев веќе стигнал во надлежното обвинителство и се очекува обвинителката да даде мислење за гаранцијата.
Камчев достави предлог до судија на претходна постапка и понуди рекордни 14 милиони евра за да се брани од слобода. Пред две недели Кривичниот совет на Камчев му го продолжи притворот за нови 30 дена. Жалбата на одбраната за продолжувањето на притворот е доставено до Апелацискиот суд кој треба да одлучува по жалбата на одбраната. Предлогот за гаранција е поднесен до судија на претходна постапка кој чека мислење од СЈО за да одлучува.