Македонија 06. септември 2019. / 10:34

Судот го бара но не може да го најде Зоран Верушевски

Судот го бара но не може да го најде Зоран Верушевски

Лицето е повеќепати барано на посочената улица, но станот е затворен. Оставено е известување – ова го прочита судијката Џенета Бегтовиќ на денешното судење за предметот на СЈО со масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, за поранешниот разузнавач Зоран Верушевски.

Судот направил обид да го најде и на работното место во Владата, како национален советник на премиерот Зоран Заев за безбедност. Од Владата на поканата ставиле печат, но нема доказ дека тој лично ја примил поканата.

Од СЈО изјавија дека немаат податок дека ја сменил адресата. Судот повторно ќе направи обид да го обезбеди за следното рочиште на 23 септември.

Во „Таргет – Тврдина“ обвинети се ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, тогашниот началник на петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработените во УБК, Никола Бошкоски, Маријан Шумуликоски, Силвана Златкова, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Надица Николиќ.