Македонија 03. декември 2019. / 15:35

Судењето за „Рекет“ почна: Боки 13 се закани дека ќе отвори уста, што ќе каже одземената камера?

Судењето за „Рекет“ почна: Боки 13 се закани дека ќе отвори уста, што ќе каже одземената камера?

Најголемиот судски процес во самостојна Македонија, а можеби и од нејзиното оснивање, за аферата „Рекет“ денеска почна во Кривичниот суд во Скопје со задоцнување од еден час, со многу драма поврзана со здравствена состојба на првообвинетиот Бојан Јовановски алијас Боки 13, но и со отворена порака од негова страна дека во текот на процесот е можен целосен пресврт. Зашто, Боки 13 се закани дека ќе отвори уста и ќе поднесе кривични пријави против сите инволвирани, организатори и помагачи во процесот.

– Подготвен сум да зборувам за сите инволвирани и ќе поднесам кривични пријави за сите инволвирани, за организаторите, помагачите и тоа по неколку основи, изјави Боки 13.

Јовановски пред судот изнесе нов детал, што досега не беше познат во јавноста. Посочи дека значителни докази се кријат во камера одземена од кај неговите родители.

– Форензичкото вештачење на камерата што е одземена од кај моите родители ќе покаже и докаже кој и каде заминал со торбата со пари. Само да сум жив и здрав и од оваа уста ќе излегува само вистина, порача Боки 13

Јовановски е обвинет за примање награда за противзаконито вршење влијание и перење пари. Катица Јанева за злоупотреба на службена положба, а за истиот основ како Боки 13 е обвинет и третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец.  Кичеец веднаш ја призна вината и за него постапката се одвојува и уште утре за него се очекува пресуда.

Шефицата на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, воведниот говор на обвинението го започна спектакуларно.

-Имаше еден филм за Чарлиевите ангели на СЈО, но имаше и една специјалната јавна обвинителка што влезе во мрежата на т.н. естрадна ѕвезда Боки 13, рече Рускоска.

Таа изјави дека жртви во овој предмет не се тие на кои им се барале пари, туку жртви сме сите граѓаните на оваа држава. Обвинителството ќе докаже дека Јанева го направила тоа од алчност и дека свесно ја злоупотребила службената положба, со што ја издала довербата на народот.

– Ќе изнесеме цврсти докази дека Јанева свесно и со умисла на Боки 13 му изнесувала материјали од предистражни постапки, кои се службена тајна, за да може Боки 13 од обвинетите во тие постапки да бара милионски пари за тие постапки да завршат со спогодба или во најдобар случај како сведоци, изјави Рускоска.
Може ќе чуете, додаде таа, дека Камчеви први побарале и молеле за помош, но не е така.

– Ќе изнесеме докази дека Боки 13 преку Кичеец први стапиле во контакт со Ана Камчева. Обвинетиот Кичеец може ќе слушнете дека се што направил било да му помогне на Камчев, зашто го чувствувал како брат, но ќе видите и дека не заборавил да ја земе торбата полна пари, изјави Русковска.

Јовановски рече дека не се чувствува виновен по двете основи од обвинението и оти живеел за денот кога ќе дојде моментот за да може да зборува за кривичниот предмет сензационалистички наречен „Рекет“. Во текот на истрагата, рече тој, бил загрозен неговиот и животот на неговите родители и оти „прљави политички битки“ завршуваат на негови плеќи, а со сензационализам, голи невистини, шпекулации, уништување медиум  е направена една „бедна конструкција“ на целиот предмет.

-Јас сум здравствено лошо, но психички сум здрав и меморијата добро ме држи. Денешниот брутален настап на јавната обвинителка  отвара чувство на сомневање и страв дека во стилот за „тресење од гаќите“ ќе заврши и овох Судски совет. Таа честопати беше гостин и на 1ТВ каде лично мене ми кажувала детали од разни истрни постапки. Колку што сум седел во ресторани со специјалната јавна обвинителка, исто толку сум седел и со јавната обвинителка, изјави Јовановски.

За виновна не се смета ни третообвинетата Катица Јанева, поранешната специјална обвинителка.

-Знам дека јавната обвинителка нема никакви докази да ја докаже вината. Горда сум на тоа што го работев и јас и мојот тим и се надевам дека сите ќе продолжат од таму каде што јас застанав во борбата против криминалот. Сето тоа ќе биде основа за изучување на идните генерации. Се уште одам гордо и со крената глава, зашто се што сум работела било во интерес на општеството. Се надевам дека Судот ќе се држи до фактите и вистината, а не до инструираните обвиненија без никакви докази од страна на јавната обвинителка, и оти не се плашите од нејзините зборови за „тресење од гаќи“, рече Јанева.

За нејзините адвокати, Јанева е неосновано ставена во контекст на нечесни игри, таа не ги пречекорила своите службени овластувања, туку се што презела влегувало во рамките на нејзините надлежности, а нејзино дискреционо право е како ќе постапи за да постигне повисока цел во борбата против криминалот. Јанева сите одлуки ги донела според законските овластувања, а не за стекнување противправна корист и не постои доказ за примање пари во овој, негативен контекст.

Следното рочиште е закажано за во петок, 6 декември и се очекува на него да сведочат Ана и Орце Камчев.

Што пишуваше српски „Курир“?

По приведувањето на Бојан Јовановски алијас Боки 13, српски „Курир“ објави текст со наслов „Ако ме убијат, доказите против Заев се кај мојата мајка“.

Српскиот медиум уште тогаш пренесе дека Боки 13 се заканил:

-Ако ме обесите и тоа се обидете да го претставите како самоубиство, ако овде ме тепате, мачите, заплашувате, убаво сега ви кажувам, да не биде после дека не сте знаеле, никој нема да биде поштеден, пренесуваше изјава на Боки 13 српски „Курир“.