Додека обвинителството не ги преведе сите докази на македонски јазик не може да почне судскиот процес за смртта на малата Тамара. Електронска комуникација на ФЗО со здравствени установи во Турција и Хрватска се меѓу доказите.
Четвртиот обид да се почне со судење беше неуспешен, иако за прв пат во суд се појавија сите 12тмина обвинети за несовесно работње во службата.
Судењето не почна, но повеќе од два часа адвокатите и судијата не можеа да се договорат за датум на следното рочиште.
Сашко Дуковски кој е бранител во постапката за 27 април и адвокатката Тања Попоски-Булоски која го застапува Миле Јанакиески во „Титаник“ преговараа и се противеа на датумите кои ги даде судијата, бидејќи во другите судски процеси однапред се „резервирани“ термини. Бранителите побараа и посоодветни услови за работа од судијата Марин Станевски, клупа за да има каде да ја сместат обемната документација, но и камера за да се снима процесот.
Следното рочиште е закажано на 29 октомври, а судијата Станевски вети дека тогаш ќе им обезбеди и клупи и камера.
На обвинителна клупа седат петмина членови на првостепената и исто толку членови од второстепената комисија, кои го донеле односно го потврдиле негативното решение за лекување на малата Тамара Димовска од Велес во странство. Мислењето дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Македонија тие го донеле по истекот на законски предвидениот рок спротивно на мислењето на Стручниот конзилиум.
Тамара Димовска почина во 2015 година чекајќи операција на рбетот во странство.