Студентите од шеста година по општа медицина ќе им помагаат на епидемиолозите, но нема да имаат физички контакт со болни или суспекти од ковид-19. За ова денеска се разговарало на средбата на министерот за здравство Венко Филипче и деканката на Медицинскиот Факултет во Скопје проф. д-р Соња Топузовска кои одржале средба со студентите од шестта година по општа медицина.
На средбата се разговараше за вклучување на студентите, идните лекари во процесот на справување од коронавирусот.
-Во услови кога се соочуваме со најголемата светска здравствена криза, студентите по медицина, иднината на нашето здравство, активно се вклучува во поддршка на своите колеги. Студентите се едногласни дека сакаат и можат да помогнат во периодот кој следува. Нивниот ангажман ќе биде помош на колегите епидемиолози во телефонска комуниција со пациентите, изработка на епидемиолошки анкети и обработка на податоците, истакнува министерот Филипче по средбата и додава дека тие нема да имаат физички контакт со пациенти заболени или суспектни на ковид-19.
Ангажманот на студентите ќе трае шест месеци и ќе биде поделен во три фази. На секои два месеци по 50 нови студенти ќе бидат ангажирани во Центрите за јавно здравје.
-Вклучувањето на студентите по медицина во борбата против ковид-19 е директна помош на здравствените работници и здравствениот систем кои го носат најголемиот товар во оваа криза. Дополнителна придобивка е што студентите освен што ќе стекнат искуство, преку овој ангажман ќе ја реализираат клиничката пракса по јавно здравје која ја извршуваат во шесттата година од студиите и истата ќе им биде признаена, потенцира проф. д-р Соња Топузовска, Деканка на медицинскиот факултет во Скопје.
Координацијата и распределбата на групите е во тек, ангажманот на студентите ќе започне во најкус можен рок.