Македонија 01. ноември 2019. / 14:05

Струшкиот градоначалник пред кривична одговорност: Мерко уживал во кожа на аудито А6

Струшкиот градоначалник пред кривична одговорност: Мерко уживал во кожа на аудито А6

Антикорупциската комисија денеска одлучи да покрене иницијатива за поведување постапка пред надлежното Јавно обвинителство за кривична одговорност на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко заради злоупотреба на службената положба при набавка на четири службени возила, меѓу кои и неговото ауди А6. Вкупната вредност на набавените возила изнесува 114.000 евра, а само аудито 66.700. Набавката е извршена о време кога Општина Струга има неподмирен долг од близу 4 милиони евра.

Според документацијата на Антикорупциската комисија, во своето писмено изјаснување Мерко ги отфрлил наводите околу набавката на службеното возило, со образложение дека општината има застарен возен парк и оти не доликува градоначалник на општина како Струга да отсуствува од важни настани во земјата и странство. И сето тоа, како што стои во неговото образложение, „бидејќи му било срам да ја каже вистината дека нема возило за патување“ , односно „безбедно превозно средство“.

Уште поинтересно е што големиот градоначалник Рамиз Мерко знаел што бара, па во спецификацијата за потребното возило било наведено тоа да има кожен волан со аудио команди, црна боја, сензор за дожд, автоматско затемнување на внатрешниот ретровизор, алуминиумски тркала, фрабрички вграден навигациски систем, а седишатата делумно или целосно да бидат од кожа. Барал и безжично поврзување со мобилен телефон, авоматска паркинг сопирачка, автоматски клима уред, најмалку шест воздушни перничиња, лед предни стакла и електронска програма за стабилизација…

Антикорупционерите ќе побараат од Судскиот совет преиспитување на одлуката на Струшкиот суд и на работата на судијата, кој еднаш не дозволил, а подоцна го визирал зголемувањето на минималниот износ за непречено функционирање на Општина Струга. Оправдано е сомневањето дека е можно политичко влијание врз судијата, зашто додека струшки градоначалник не бил Мерко, тој не дозволил зголемување а износот, а со враќањето на Мерко во градоначалничката фотелја, истиот судија го сторил тоа.

Како главен елемент за потврда на нерационалното и неразумно трошење државни пари од страна на Рамиз Мерко е ревизорскиот извештај спроведен годинава во кој се утврдени редица неправилности, незаконитости и можности за злоупотреба на буџетски пари.